Депортации: Трамп со навреди за Врховниот суд
21 април 2025САД не смеат барем привремено да депортира венецуелски затвореници во Ел Салвадор како што е планирано од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Врховниот суд на земјата го одлучи ова во саботата - на тој начин ставајќи пречка на репресивната имиграциска политика на Трамп. Американскиот претседател нареди мигрантите од Венецуела - кои властите ги сметаат за членови на криминални банди - да бидат одведени во затвор со максимална безбедност во Ел Салвадор. Тој ја договорил процедурата со претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, кој беше гостин во Белата куќа во минатата недела.
Остра критика на пресудата
Администрацијата на Трамп се спротивстави на одлуката доцна вечерта во саботата, велејќи дека е убедена дека таа ќе победи „против радикалните активисти“, напиша портпаролката на печатот Каролин Левит на онлајн-сервисот за вести X.
Оние кои поднесоа тужби против депортациите во Ел Салвадор беа повеќе загрижени за правата на „терористите“ отколку за правата на американските граѓани. Самиот Трамп во неделата ја критикуваше пресудата на сличен јасен начин. На неговата социјална мрежа Трут Соушл, тој ги навреди „слабите и неспособни судии и службеници за спроведување на законот кои дозволуваат овој злобен напад врз нашата нација да продолжи“. Трамп тврди дека мигрантите се членови на криминалната латиноамериканска банда Трен де Арагуа.Самите депортации тој ги оправдува со Законот против „странските непријатели“ (Alien Enemies Act) од 1798 година. Ова им овозможува на американските претседатели да апсат или депортираат граѓани на непријателска нација. Меѓутоа овој закон во историјата на САД е користен само три пати.