Критики и во САД: „Го поддржувам Трамп, но не и царините“
9 април 2025„Кога Америка ќе биде погодена, таа возвраќа уште посилно ", ова е едноставната фраза што ја употреби портпаролката на Доналд Трамп, Каролин Левит, за да ја опише последната ескалација во трговската војна. Колку изреката и да звучи како кавга во училишен двор, таа претставува резиме на начинот на кој администрацијата на Трамп го доживува спорот за царините: како битка што ќе заврши со победник и губитник.
Кина направи грешка кога се спротивстави на неодамнешните американски намети од 34 отсто со воведување свои контрацарини од 34 отсто, рече Левит. Трамп верува дека- Пекинг сега ќе склучи договор со САД, како и Јужна Кореја и Јапонија, другите две големи источноазиски економии, кои всушност веќе започнаа преговори за нови царини со Вашингтон.
Поддршка од синдикатот на автомобилската индустрија
Левит тврди дека речиси 70 земји веќе контактирале со Белата куќа. Нивните шефови на држави веднаш би се качиле во авион и би долетале во Вашингтон за да склучат нови трговски договори.
Промена на курсот звучи сосема поинаку - а администрацијата на Трамп сè уште добива поддршка од сосема неочекувана страна. Шон Фејн, на пример, претседател на Обединетите автомобилски работници (УАВ), синдикатот на вработени во автомобилската индустрија, се залага за дополнителни царини за автомобилите. „Паушалните заштитни царини за сè се непромислени и безобѕирни", изјави Фејн. Но, во поглед на автомобилската индустрија, политичарите веќе 30 години гледаат со скрстени раце како сѐ повеќе работни места се преселуваат во странство. Можеби ова би можело радикално да се промени со заштитните царини од 25 проценти за увоз на автомобили, смета синдикалецот.
Критика од сопствените редови
Од денеска дополнителни царини од 20 отсто мора да се плаќаат и на увозот од ЕУ. Тоа го критикуваат и сè повеќе сопартијци на Трамп: „Го поддржувам Доналд Трамп, но не ги поддржувам царините“, вели републиканскиот сенатор Ренд Пол од Кентаки. Тој порачува дека ќе води битка против овие царини.
Предупредувачки зборови сè почесто се слушаат и од деловниот свет, на пример од шефот на големата банка ЏП Морган, Џејми Дајмон, кој е загрижен за зголемувањето на инфлацијата и забавувањето на растот.
А дури и од најблискиот круг на Трамп, се појавуваат контрадикторни чувства: „Мислам дека Европа и САД идеално би требало да преминат во ситуација со нулта царина“, порача Илон Маск. Токму тој препорачува трансатлантска зона за слободна трговија. Маск упати навредливи зборови и го нарече главниот трговски претставник на Трамп, Питер Наваро, архитектот на неговата царинска политика, „глупав“, „поглупав од вреќа тули“.
Портпаролката на Трамп се насмевнува на спорот: момчињата се едноставно момчиња, па нека продолжат да се караат меѓу себе јавно. Никогаш порано американска влада не била толку транспарентна. „Сите треба да бидете многу благодарни што ја имаме најтранспарентната влада во историјата“, тврди таа.
Автор: Себастијан Хесе, АРД