Макрон кани на нов итен самит за Украина
19 февруари 2025По разговорите за Украина меѓу високите претставници на САД и на Русија во Саудиска Арабија, францускиот претседател Емануел Макрон презема натамошни чекори за координација на политиката во однос на војната во Украина на европските но и на други партнерски држави.
Тој синоќа изјави дека денеска ќе организира уште еден состанок со претставници на „неколку европски и неевропски држави“ за Украина, по состанокот во понеделникот на кој присуствуваа лидерите на мал број клучни европски земји, како и највисоките претставници на Европската унија (ЕУ) и на НАТО.
Макрон во интервју за неколку француски регионални медиуми рече дека американскиот претседател Доналд Трамп може „повторно да започне корисен дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, но Трамп повторно создава стратешка двосмисленост за Путин, изразувајќи несигурност која може да се искористи за да се изврши притисок“.
Францускиот претседател рече дека е подготвен да разговара со Путин „кога во процесот на идните преговори ќе биде вистинско време “.
„Додека ви зборувам, Европа не е способна да ја обезбеди својата одбрана без САД. И тоа е така отколку пред повеќе од три години, но мораме да забрзаме и да се движиме многу брзо за да направиме нешто во рок од три до пет години. Приоритет на САД е Кина. Русија е егзистенцијална закана за Европа“, рече Макрон за регионалните медиуми.
Макрон рече дека Франција не се подготвува да испрати копнени сили на фронтот во Украина.
Меѓу решенијата за обезбедување на Киев безбедносни гаранции во ремки на можниот мировен договор со Москва, би било можно „да се испратат експерти или дури и сили во ограничен број кои би биле надвор од која било зона на конфликт“, рече Макрон, додавајќи дека тоа ќе ги смири Украинците.
Францускиот претседател додаде дека со Британците се разговара за договор за солидарност со Украина, што ќе овозможи испраќање експерти или оние ограничени сили.
Макрон ја спомена и можноста дека, како дел од преговорите, „можеби да се одлучи да има мировна операција под мандат на ОН долж линијата на фронтот“.