Средба Рубио-Макрон: Се враќа ли Европа во игра во Украина?
18 април 2025Високи американски, француски и украински претставници вчера (17.04) се сретнаа на разговори во Париз, коишто на европските претставници, кои во моментов стојат настрана, би можеле да им донесат повторно вклучување во бавните преговори предводени од САД за ставање крај на војната во Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон лично ги прими американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио и американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, кој неодамна се сретна лично со рускиот претседател Владимир Путин. Администрацијата на Трамп се обидува да издејствува договор за завршување на тригодишната војна во Украина.
Извор од француската влада ги опиша разговорите како „позитивни и конструктивни“ и најави дека следната недела во Лондон ќе има нови дискусии во кои ќе бидат вклучени клучните европски, украински и американски претставници.
„Верувам дека Американците гледаат интерес за работа во овој формат“, им рече неименуван извор на новинарите по разговорите.
Во Париз беа и високи функционери од Британија и Германија, плус советникот на украинскиот претседател Андриј Јермак. Кабинетот на Макрон претходно соопшти дека целта е „да се разгледа напредокот во мировните преговори насочени кон ставање крај на руската агресија во Украина“.
Зеленски: „Мораме да извршиме притисок врз убијците“
Во пресрет на неговата инаугурација во јануари годинава, американскиот претседател Доналд Трамп вети дека брзо ќе стави крај на војната во Украина, која започна со инвазија од страна на Русија во февруари 2022 година.
Набргу по преземањето на функцијата, Трамп ги запрепасти европските лидери со отворање на билатерални разговори со Кремљ за ставање крај на војната во Украина, оставајќи ги настрана традиционалните сојузници кои, како и САД, дадоа милијарди евра во Украина во текот на војната против Русија.
Овие разговори досега не донесоа некој значаен пробив. Пред неколку недели, Путин го отфрли американско-украинскиот предлог за прекин на огнот, што ја налути администрацијата на Трамп.
Вчера, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика учесниците на состанокот во Париз да извршат притисок врз Кремљ.
„Русија го користи секој ден и секоја ноќ за да убива. Мораме да извршиме притисок врз убијците... за да ставиме крај на оваа војна и да гарантираме траен мир“, напиша тој на Телеграм.
Во Русија, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, ги отфрли разговорите. „За жал, гледаме дека Европејците се концентрираат на продолжување на војната“, рече тој.
Трансатлантско зближување?
Првите месеци од вториот мандат на Трамп во Белата куќа беа многу предизвикувачки за трансатлантските односи, не само поради преговорите за Украина.
Во последниве недели, почетокот на трговската војна, со царини од 10% на речиси сите увезени стоки во САД, беа исто така непријатен шок за Европа.
Кога Рубио пред две недели во Брисел се состана со своите колеги од НАТО, од кои повеќето се исто така од земјите-членки на ЕУ, потенцираше дека САД сè уште ја ценат одбранбената алијанса и нејзините европски партнери. Но, многу сојузници изразија огорченост поради царините на Трамп и американското инсистирање да се трошат 5% од брутодомашниот производ за одбрана.
Оттогаш, администрацијата на Трамп се повлече од некои од своите екстремни закани во врска со трговските мерки, повикувајќи на тримесечна пауза за да се овозможат преговори.
По повод посетата на италијанската премиерка Џорџа Мелони во Вашингтон во четвртокот (17.04), Трамп рече дека смета оти ќе се постигне трговски договор со ЕУ, што можеби сигнализира излез од царинскиот спор.
Европа се враќа на масата?
Додека САД се оддалечуваа од Украина и стремеа кон потенцијално зближување со Русија, Макрон, заедно со британскиот премиер Кир Стармер, координираше група од околу 30 земји кои се обидуваат да ја пополнат можната празнина за Украина.
Двајцата планираат „сили за смирување“ кои би биле составени од меѓународни трупи кои во постконфликтно сценарио би дејствувале како сили за одвраќање од натамошни руски упади. Кремљ остро ја критикуваше иницијативата како провокација.
Сепак, многу претставници на земјите на НАТО сметаат дека таквите сили - за да бидат одржливи - де факто би имале потреба од некаква американска поддршка.
Според изворот од француската влада кој најави натамошни разговори во Лондон, постои верување дека САД во последните недели многу ја ценеле француско-британската иницијатива.
За европските функционери, разговорите во четвртокот можеби понудија шанса целосно да се вклучат во моментално закочените преговори и да ги преобликуваат во нивна корист. Некои од условите наведени за време на преговорите беа неприфатливи и за Украина и за ЕУ.
Дипломат на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, пред почетокот на разговорите рече дека тоа е добар прв чекор. „Тоа многу зависи од ... колку конкретно ќе ги вклучат Европејците во преговорите во иднина.“
Но, Мари Думулен, аналитичарка од Европскиот совет за надворешни односи, на работите гледа малку поинаку. „Според мене, овој состанок е повеќе за тоа Европејците да се обидат да им разјаснат на САД како можат да придонесат за иднината на Украина и идната безбедност на Украина“, оценува таа за ДВ.
„Ова може да значи дека САД разбираат оти Европејците ќе мора да учествуваат во иден договор, што е нешто што Русите веќе го разјаснија. Не сум сигурна дали во ова можеме да гледаме некаков вид на приближување“.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик