Цунами го погоди рускиот полуостров Камчатка
30 јули 2025Силен земјотрес го погоди рускиот полуостров Камчатка на брегот на Пацификот. Според рускиот регионален министер за вонредни состојби, Сергеј Лебедев, цунами бран висок од три до четири метри потоа ги погодил крајбрежните делови на полуостровот, кој се наоѓа на далечниот исток на Русија. Според Руската академија на науките, тоа бил најмоќниот земјотрес на Камчатка од 1952 година. Се претпоставува дека цел месец ќе има дополнителни потреси, кои би можеле да достигнат јачина до 7,5 степени.
Со измерена јачина од 8,8 степени, земјотресот е најсилниот потрес во светот од катастрофата во Фукушима во март 2011 година, соопшти Геолошкиот завод на САД (УСГС). Германскиот геоистражувачки центар (ГФЦ) во Потсдам објави дека магнитудата на земјотресот била 7,8, додека руската државна новинска агенција ТАС првично објави дека магнитудата била 7,9, а подоцна 8,7. Според УСГС, епицентарот на земјотресот бил на релативно мала длабочина од 19,3 километри. Силниот земјотрес беше проследен со најмалку шест последователни потреси, од кои еден беше со јачина од 6,9 степени, а друг од 6,3.
Во Русија, според гувернерот Валериј Лимаренко, првиот бран цунами го погоди крајбрежниот регион Северо-Курилск, населба на руските Курилски Острови во Тихиот Океан. Тој рече дека жителите се безбедни и бараат повисоки места додека не помине заканата од друг бран. Поплавено е едно пристаниште. Владата на регионот Сахалин прогласи вонредна состојба за Севернокурилската област. Видео објавено на руските онлајн мрежи покажа згради најверојатно потопени од морска вода. Државните медиуми објавија дека неколку лица се повредени од земјотресот, но никој нема тешки повреди. Досега нема извештаи за жртви.
Првите цунами бранови стигнаа до Јапонија
Јапонската метеоролошка агенција објави дека очекува цунами бран висок до три метри долж поголемите крајбрежни области. Првично, цунами бранови од 50 сантиметри беа регистрирани по должината на брегот на североисточната префектура Мијаги, а бранови до 40 сантиметри беа регистрирани и во други префектури, како што се Фукушима, Хокаидо и Аомори, јави јапонската телевизија НХК.
Како одговор, Јапонската агенција за заштита од катастрофи издаде препорака за евакуација за повеќе од 900.000 жители во 133 општини по должината на јапонскиот брег на Пацификот, од Хокаидо до Окинава.
Јапонската влада формираше тим за управување со кризи. Според портпаролот на владата, засега нема извештаи за жртви или штети.
Евакуирана е нуклеарната централа
Операторот на оштетената јапонска нуклеарна централа Фукушима соопшти дека ги евакуирал своите работници на безбедно место. „Ги евакуиравме сите работници и вработени“, изјави портпаролката на операторот на нуклеарната централа Тепко за новинската агенција АФП. Таа додаде дека во централата не се откриени никакви абнормалности.
Нуклеарната централа Фукушима, која се наоѓа на брегот, беше погодена од цунами бран висок речиси 15 метри кратко по силниот подводен земјотрес на 11 март 2011 година. Системот за ладење на централата откажа, а во три од нејзините шест реактори дојде до топење на јадрото. Тоа беше најлошата нуклеарна несреќа од катастрофата во Чернобил во 1986 година.
Предупредувања во неколку земји
Американскиот систем за рано предупредување од цунами, исто така јави за бранови високи до три метри, кои потенцијално би стигнале до брегот на Хаваи, илјадници километри од епицентарот на земјотресот. Се вели дека жителите на крајбрежјето треба веднаш да ги напуштат погодените области или да побараат засолниште во згради високи најмалку десет ката. Во делови од Хонолулу дојде до нарушувања во сообраќајот.
Властите се подготвуваа да отворат планински премин како рута за евакуација од Вајанае, крајбрежна заедница на Оаху, изјави пратеникот Дариус Кила за агенцијата АП. Покрај тоа, по налог на американската крајбрежна стража, бродовите требаше да ги напуштат пристаништата на Хаваи за да се избегне да бидат однесени на брегот од брановите.
Предупредувањето на американскиот центар за цунами се однесуваше и на крајбрежните области на Чиле, Костарика, Француска Полинезија и островот Гуам во Пацификот. Бранови до еден метар се можни и во Австралија, Колумбија, Мексико, Нов Зеланд и Тајван, соопшти центарот. САД издадоа предупредувања за западниот брег на Северна Америка и Калифорнија. Според АФП, во Калифорнија се испратени предупредувања за цунами на мобилните телефони.
Предупредувања за цунами се издадени и за западниот брег на Алјаска и Филипините. Локални предупредувања беа издадени и во Перу и Еквадор.
Втор земјотрес за две недели
Тихоокеанската и северноамериканската континентална плоча се среќаваат во близина на полуостровот Камчатка, што го прави регионот една од најсклоните на земјотреси области во светот.
На 20 јули, регионот беше погоден од земјотрес со јачина од 7,4 степени. Притоа не беа предизвикани поголеми штети.