По пукањето во Минеаполис, ФБИ води истрага за тероризам
28 август 2025По пукањето на училишна богослужба во Минеаполис, Федералното истражно биро (ФБИ), според сопствени наводи, истражува можен терористички напад. Директорот на ФБИ, Кеш Пател, на платформата X напиша дека неговата агенција истражува дали инцидентот претставува домашен тероризам и злосторство од омраза кон католиците. Во средата наутро (27.08) вооружен човек испукал куршуми низ прозорците на црковна зграда, каде што се одржувала воведната служба на католичко основно училиште за новата учебна година.
Според началникот на градската полиција, Брајан О'Хара, убиени се две деца, на возраст од осум и десет години, а повредени се 17 други лица, вклучително и 14 деца. Според истрагата, сторителот потоа извршил самоубиство на паркингот пред училиштето.
Стрелецот, како што се вели од ФБИ, е идентификуван. Според министерката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, станува збор за 22-годишен маж кој се идентификувал како трансродово лице. Началникот на полицијата, пак, соопшти дека возраста на стрелецот била 23 години. Според него, сторителот го поседувал оружјето легално и немал претходно криминално досие.
Пред да го изврши злосторството, напаѓачот на магацин од пушка напишал „Убиј го Доналд Трамп“, соопшти Ноем на платформата X. Таа не прецизираше дали ова е едно од оружјата што ги користел во нападот. Според неа, на магацинот за пушката пишувало и „За децата“ и „Каде е твојот Бог?“.
Американските политичари го изразија својот шок по инцидентот. Кратко по инцидентот, американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Truth Social објави дека е информиран за она што се случило. „Белата куќа ќе продолжи да ја следи оваа ужасна ситуација“, нагласи Трамп, повикувајќи на молитва за сите погодени.
Подоцна тој нареди американските знамиња до недела да бидат спуштени на половина копје во Белата куќа, амбасадите и конзулатите во странство, како и во воените бази и јавните згради.