Реакции: Потребна е поголема контрола врз работата на ДКСК
25 април 2025Информацијата дека е приведена првата антикорупционерка поради издавање службени тајни поврзани со истрагата за тендери за набавка на адитиви за ТЕЦ Неготино и ЕСМ предизвика реакции и неверување во јавноста. Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска вели дека случајот предизвикал многу непријатно чувство.
„Не знам и не можам да коментирам во која насока се одвива истрагата. Вистината е како шило, верувам дека ќе излезе на површина, не сакам ништо да прејудицирам“, рече Ивановска во гостувањето на ТВ Телма.
Според неа, Собранието е институцијата која ги избира членовите во Државната комисија за спречување корупција, и очигледно тоа треба да спроведува поголем надзор врз овие независни тела.
Дамка на работата на ДКСК
Нејзиниот коментар следи откако Обвинителството покрена истрага против актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, во рамки на предметот „Адитив“.
Од партијата Левица, велат дека Димитровска, којашто требаше да биде водач во сузбивањето на корупцијата, станала нејзин соучесник. „Сепак, ова не е индивидуален „пропуст“, туку е последица на отворено политичко-партиска пазарна селекција на кадри. Димитровска беше едногласно избрана со максимални бодови од пратениците на ДПМНЕ, СДС и ДУИ - партиите кои наводно се ’непомирливи противници’, но единствени кога треба да се инсталираат партиски кадри на клучни позиции“, реагираат од партијата.
Според нив, откако беше поставена на чело на Комисијата, „Димитровска не само што не отвори ниту еден сериозен предмет, туку претвори сè што е скандал поврзан со владата на Мицкоски во баналност“. Тие бараат целиот состав на ДКСК веднаш да си поднесе оставка и сите предмети што ги водела оваа Комисија да бидат целосно ревидирани.
Основниот кривичен суд Скопје ѝ определи мерки на претпазливост. Димитровска остана без пасош, откако неодамна и беше доделена и дипломатска патна исправа за полесно вршење на службата, но ќе нема пристап ниту до работното место, со оглед на тоа дека и се забранети активности поврзани со кривичното дело. Според Обвинителствоот, таа „со умисла ја искористила својата функција и одала службена тајна“ со тоа што во повеќе наврати споделила податоци на осомничено лице во предметот Адитив во врска со истрагата во Македонија.
Таа преку својот службен телефон и апликациите Вибер и Ватсап давала податоци за поведени постапки, за отворање на предмети против обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки, како и податоци за проверка на имот. Со своите дејствија, Обвинителството смета дека таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат.
Истрагата ќе остави дамка врз работата на Антикорупциската комисија. Поранешната антикорупционерка, Билјана Ивановска вели дека ѝ е многу тешко за ДКСК и за нејзиното реноме, бидејќи во институцијата е вложен многу труд за да биде изградена, но и за да се изгради довербата кај граѓаните дека постои независно тело до кое може да се обратат, да достават претставки или да поднесат предмети.
ДКСК беше синоним за надеж
Екс-министерот и актуелен претседателот на невладината „Солуција“, Никола Димитров вели дека ДКСК беше синоним за надеж, интегритет, светла точка и остров на интегритет.
„Случувања со актуелната претседателка на ДКСК ме потсетија колку е точно кога велиме дека институциите се луѓето. Луѓето кои раководат и работат во нив. ДКСК беше синоним за надеж, светла точка и остров на интегритет.Затоа, ако сакаме функционални институции, мора да туркаме напред личности со висок интегритет, способности, искуство и квалификации. Но, пред сѐ личности со висок интегритет“, коментира тој на социјалните мрежи.
Досега за случајот познат како „Адитив“ е поднесено обвинение за 31 лице, меѓу кои и екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е недостапен за полицијата. Според обвинителството, осомничените организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.