Романскиот премиер Чолаку поднесе оставка
6 мај 2025Романскиот премиер Марсел Чолаку ја објави својата оставка. Социјалдемократот го оправда ова со неуспехот на Крин Антонеску на претседателските избори во неделата (4 мај,2025). Антонеску беше кандидат на граѓанско-социјалдемократската влада на Чолаку, но заврши само трет во првиот круг од претседателските избори и затоа го пропушта вториот круг на 18 мај. Со оглед на резултатите од изборите, неговата коалиција „веќе нема никаков легитимитет во својата сегашна форма“, рече Чолаку. Сепак, нагласи тој, социјалдемократските министри ќе останат на функцијата сè додека не се формира ново мнозинство по вториот круг од изборите за претседателската функција.
Романија се соочува со поместување во десно
Во првиот круг, екстремно десничарскиот евроскептик Ѓорѓе Симион беше прв со 40,96 проценти од гласовите. На второ место се најде непартискиот, граѓанско-либерален градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, со 20,99 проценти.
Двајцата сега ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори 18 мај. Романија е членка на НАТО и на ЕУ. Доколку Симион победи во вториот круг од претседателските избори, ова би можело да претставува проблем за источното крило на НАТО, бидејќи тој ја отфрла воената помош за Украина, која е под агресија од страна на Русија. Освен тоа, уште една источноевропска земја би имала раководство скептично кон ЕУ. Романскиот претседател има значителна моќ во донесувањеѕо одлуки за прашања од националната безбедност и од надворешната политика.