Отказ за шефицата на американската база на Гренланд
11 април 2025Полковник Сузана Мaјерс, командантот на американската воена база Питуфик на Гренланд е разрешена од должноста, соопшти Командата за вселенски операции. Причината е што е изгубена довербата во нејзините лидерски способности, се вели во одлуката. Од командантите се очекува да ги задржат највисоките стандарди на однесување, особено во однос на непартиското извршување на нивните должности, се додава. Командата сега ја презел полковник Шон Ли.
Слични изјави даде и портпаролот на американското Министерство за одбрана, Шон Парнел. Тој на платформата X напиша дека активностите што го поткопуваат синџирот на команди или агендата на претседателот Доналд Трамп нема да бидат толерирани во Министерството за одбрана.
Одлуката е донесена само две недели откако американскиот потпретседател Џеј Ди Венс го посети островот. Американскиот претседател Трамп со месеци го изразува својот интерес да ја преземе контролата врз Гренланд, кој е дел од Кралството Данска. За да ги нагласи овие амбиции, Венс отпатува во базата Питуфик на крајот на март.
Таму тој пред стационираните американски војници остро го критикуваше НАТО - сојузникот Данска. „Не се однесувавте добро со Гренланѓаните“, изјави тој и го обвини Копенхаген дека инвестира премалку во безбедноста на Гренланд. Според Венс, областа околу американската воена база не е толку безбедна како што била пред 30 до 40 години. Министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Локе Расмусен, реагираше огорчено: Вака не се зборува со блиските сојузници.
Според извештајот на веб-страницата Military.com, Мaјерс, која сега е отпуштена, последователно се оградила од критиките на Венс за Данска и нејзиниот надзор над Гренланд во е-пошта до вработените во базата. Порталот објави дека таа очигледно се обидувала да создаде единство меѓу американските војници и Канаѓаните, Данците и Гренланѓаните кои работат таму.