Путин вели извини, Алиев бара повеќе
30 декември 2024По уривањето на азербејџански патнички авион со 67 патници на 25 декември, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев бара Москва недвосмислено да ја признае одговорноста за падот.
Загинаа 38 патници, а останатите го преживеаја принудното слетување во Казахстан.
Алиев смета дека Русија е одговорна за несреќата, иако според него е јасно дека „конечната верзија ќе се знае дури откако ќе се провери црната кутија“.
Алиев за азербејџанската државна телевизија изјави дека засега е познато дека авионот прелетувал над Грозни, главниот град на Чеченија, кога ја загубил способноста за маневрирање, бидејќи од земја биле користени радио-електронски средства.
„Тоа беше првата штета направена на авионот“, рече Алиев, додавајќи дека потоа бил отворен оган од земја. Алиев додаде дека не верува оти руската противвоздушна одбрана намерно го соборила авионот, но дека одредени кругови во Русија се обиделе да ја прикријат причината за падот.
Освен признавањето на вината за авионската несреќа, Алиев побара од Русија казна за одговорните и отштета.
Тој сето ова го изјави откако рускиот претседател Владимир Путин претходно се извини за фактот дека „инцидентот се случил во рускиот воздушен простор“.
Путин наведе дека во моментот на падот на авионот, руската противвоздушна одбрана во Чеченија била активна, бидејќи Грозни бил нападнат од украински беспилотни летала.
„За жал, не слушнавме ништо друго освен идиотски верзии од Русија во првите три дена“, рече Алиев.
„Една од работите кои не фрустрираат и нѐ изненадија е тоа што руски владини претставници шират верзија за експлозија на балон со гас. Со други зборови, тоа отворено покажа дека руската страна сака да ја прикрие целата работа, што не е добро за никого“, додаде тој.
Алиев во Баку се прости со жртвите од катастрофата, меѓу кои и тројца членови на екипажот. Тој ја пофали храброста и професионалноста на пилотите, кои го насочиле авионот принудно да слета во Казахстан.
Зошто Путин е внимателен кон Алиев?
Русија и Азербејџан се поврзани со стратешко партнерство кое беше склучено два дена пред рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година. Тогаш азербејџанскиот претседател пристигна во Москва на покана на Путин.
Азербејџан стана стратешки важен за Москва како транзитна земја кон Иран и како земја која ги поврзува Европа и Азија. Москва ионака се откажа од улогата на заштитник на Ерменија, што му овозможи на Азербејџан да ја врати контролата над Нагорно-Карабах.
Три години подоцна, односот на силите се промени. Тоа го покажува и телефонското извинување на Путин.
Алиев дознал за авионската несреќа во сопствениот авион, кој летал кон Москва, бидејќи сакал да присуствува на состанокот на Заедницата на независни држави. Тој му наредил на пилотот да го сврти леталото и да го врати во Баку. Одлуката телефонски му ја соопштил на Путин.
Алиев на почетокот го соопшти она што го слушнал од руските надлежни институции - дека авионската несреќа ја предизвикало јато птици.
Но, видеото кое го прикажува местото на несреќата покажа и оштетување на трупот што експертите го идентификуваа како дупки од противвоздушно оружје. Освен тоа, преживеаните сведоци велат дека имало најмалку една експлозија надвор од авионот. Исто така, не е јасно зошто авионот и натаму летал на исток преку Каспиското Море и не слетал во Русија.
Веќе на 26 декември се појавија извештаи во медиумите, повикувајќи се на извори блиски до владата во Баку, кои укажуваат на можноста дека падот на авионот е предизвикан од руски проектил земја-воздух истрелан кон украински дрон. При неговата експлозија, авионот бил погоден од остатоците.
Наводно, на авионот не му била дадена дозвола за итно слетување на руска територија, а се појавил извештај и за електронско заглавување на навигацискиот систем на патничкиот авион. На социјалните мрежи почнаа да кружат обвинувања дека Русија сакала авионот да се урне во Каспиското Езеро за да ги сокрие трагите.
Очигледно е дека Русија со извинувањето на Путин сака да ја ограничи штетата и да избегне влошување на односите со Баку, што веројатно би значело влошување на односите со Турција, која културно и политички е блиска до Азербејџан.
Се заканува голема загуба на угледот
Експертот за Русија, Алекс Јусупов од Фондацијата Фридрих Еберт, смета дека дефанзивното извинување на Путин за него е многу необичен чин.
Тој додава дека Путин понекогаш ги признава проблемите на внатрешен план, но тоа се „јасно оркестрирани изјави со дифузна одговорност“, а Путин потоа настапува како шеф кој ќе ја реши работата.
Јусупов вели дека премолчувањето поради очигледниот начин на кој авионот паднал овој пат ќе резултира со „губење на угледот, кој едвај би можел да се контролира“ и тоа во една од ретките соседни земји кои се наклонети кон Русија.
Сега Алиев може да биде прикажан дома како силен политичар кој изнуди извинување од Путин.
Сепак, судејќи според неговиот телевизиски настап, тој очекува повеќе од Москва. Алиев долго време има амбиции да дејствува како лидер на регионална сила.