По одморите - училишна кошничка
4 август 2025По одморите, Владата најавува мерки за училишната кошница со цел да се пресретне зголемувањето на цените во септември. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се разгледуваат мерки поврзани со училишната кошничка, но и неколку концепти за цените во маркетите, како и законските можности да се санкционираат оние субјекти кои во изминатиот период драстично ги зголемиле цените.
Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во Скопје, рече дека се прави анализа за да се види за колку е зголемено се она што беше ограничено со мерките.
„Ги следиме цените во овие два месеца откако завршија мерките и правиме анализа на се она што беше ограничено за да видиме за колку наеднаш одредени правни субјекти ги зголемиле цените. Ќе излеземе пред нив со детална анализа за да им укажеме дека таков тип на однесување не само што нема да толерираме, туку и ќе ги искористиме сите законски можности што ни стојат на располагање“, истакна Мицкоски.
Сценарио за стабилизирање на цените
Тој веќе извесен период наназад најавува дека се анализираат неколку модели коишто во одредени сегменти биле успешни и дека целта е овој пат да има целосно сценарио со кое ќе се стабилизираат цените.
По 1 мај, кога истече владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо, трговците во Македонија слободно можат да ги формираат цените, што доведе до голем пораст пред се на цените на сезонското овошје и зеленчук.
Податоците на Државниот завод за статистика покажаа дека трошоците на живот во јуни се зголемени за 4,5 проценти на годишно ниво, а цените на мало за 3,7 проценти.
Во исчекување на новите мерки, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство започна кампања „Македонско најдобро“- со кој се обидува да го зајакне и зголеми производството на домашни земјоделски производи, да ја подигне свеста за квалитетот и автентичноста на овие производи и да обезбеди полесен пристап на граѓаните до овие производи.
Идејата е граѓаните преку апликација ќе ги „ловат“ ниските цени во маркетите, откако претходно со измени на Законот за заштита на потрошувачи, што стапија во сила на 18 април, трговците добија обврска јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници и да ги ажурираат секој ден.