Во пресрет на бојкотот - најави за големи попусти
30 јануари 2025Ригорозните мерки, инспекции и казни коишто ги најави Владата во пресрет на бојкотот закажан за в петок, 31 јануари, поради енормно високите цени на храната, не ги оставија рамнодушни трговците. Граѓаните сметаат дека бојкотот уште незапочнат ги дава првите ефекти, откако дел од маркетите објавија летоци и најавија големи попусти на храната во наредниот период.
Во фокус на надлежните институции се најдоа неколку поголеми ланци на маркети, а на социјалните мрежи се споделуваат податоци од 2023 година за големите профити коишто тие го оствариле. Но, маркетите во обид да го зачуваат угледот и кредибилитетот на пазарот, прстот го вперија кон добавувачите, коишто велат дека им наметнуваат повисоки цени на производите. Според нив, растот на малопродажните цени се должи на растот на набавните цени.
Фрчат летоци со намалени цени
Во пресрет на бојкотот, Тинекс ја стартуваше кампањата „Твој избор, твоја заштеда“, во рамки на која веќе од 31 jануари и во текот на февруари ќе понуди намалување на голем број производи, кои се неопходни за потребите на едно семејство. „Станува збор за производи, кои се клучни за функционирањето на домаќинствата и веруваме дека ќе придонесат во заштеди на семејниот буџет“, соопштија од компанијата.
Тие сметаат дека растот на малопродажните цени се должи на растот на набавните цени. Направените анализи во последните четири месеци од 2024 година, според компанијата, покажуваат зголемување од 9% на просечните набавни цени во однос на истиот период во 2023 година.
Кој е виновен за порастот на цените?
Затоа Тинекс испратиле писмо до добавувачите во коешто се наведува дека веќе подолго време се изложени на погрешна перцепција од страна на јавноста дека цените во нивните маркети се одраз исклучиво на нивната политика на високи малопродажни маржи, а сето тоа е насочено кон постигнување на естра зголемен профит.
„Принудени сме на прво место да ги заштитиме нашите потрошувачи, а со тоа и сопственото работење“, се вели во писмото, во кое Тинекс ги известува добавувачите дека ќе преземат одредени чекори за да го зачувуваат угледот на компанијата и кредибилитетот на пазарот, каде работат 30 години.
Па така, компанијата во првиот квартал на 2025 година нема да прифаќа изменети ценовници за производите. За пријавените зголемени цени во моментов, предлагаат да се вртат на ниво пред поскапувањето, односно од пред 1 јануари 2025 година.
„По истек на првиот квартал. единствено ќе бидат прифатливи за нас измени на цени до ниво правопропорционално со годишната стапка на инфлацијата, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика“, им порачува компанијата на доверителите. Тие најавуваат дека производите на кои нема да им бидат намалени цените - нема да ги набавуваат.
Ваквите чекори следат откако Владата ги активираше инспекторатите кои добија задолженија да извршат контроли да ги спречат злоупотребите од страна на трговците. Премиерот Христијан Мицкоски во средата (29.01) порача дека го разбира повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци.
„Поединечни трговци и трговски ланци се однесуваат неодговорно заработувајќи преку енормни цени на производи кои ги плаќаат граѓаните. Ова меѓу другото го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет.Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција“, рече Мицкоски.
Тој најави ригорозна контрола за два ланци на маркети, коишто се споменуваат за наводно изигрување на законите и процедурите.
„Пазарете кај малите занаетчии“
Граѓаните во Северна Македонија се организираат во пресрет на петочниот бојкот на продавниците, поради високите цени на храната. Бојкот ќе има речиси во целиот регион. Бојкотот го поддржа и Занаетчиската комора, која ги повика граѓаните да направат поправеден избор и да пазарат кај малите занаетчии.
„Лебот и другите прехранбени производи можете да ги најдете во занаетчиските пекарници – поддржете го локалното производство! Цените во малите бизниси и кај занаетчиите се пониски и подостапни за сите. Ветувам дека занаетчиите ќе понудат пристапни цени за граѓаните! Апелирам до сите занаетчии во петок да понудат 10% попуст за купувачите!, порача Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Македонија.
Јавниот повик за бојкот е поддржан и од Организацијата на потрошувачи на Македонија, кои предлагаат Владата да преземе подолгорочни мерки за да се заштити стандардот на граѓаните. И Партијата на пензионери преку соопштение ги повика своите членови да дадат поддршка на најавената акција за бојкот.
Статистички податоци покажуваат дека трошоците на живот во 2024 година во однос на 2023 година бележат пораст од 3,5 проценти, а цените на мало од 3,8 проценти.