Бугарите слават „победа“, Македонците се жалат на „неправда“
10 јули 2025Усвојувањето на извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија предизвика лавина реакции во Скопје и во Софија. Додека во Северна Македонија, поминувањето на извештајот од кој беа изоставени референците „македонски идентитет и јазик“, се доживува како неправда и обид за блокада на европската иднина, од страна на Бугарија ваквиот чекор беше оценет како „победа на бугарската дипломатија“.
Документот на Европскиот парламент, не само што ги охрабрува реформите во клучните сектори, туку и ги посочува слабостите коишто ќе треба да се надминат во наредниот период.
„Идентитетот и јазикот не се дел од преговарачките рамки“
Евроамбасадорот во земјата, Михалис Рокас од Охрид изрази позитивно мислење за Извештајот на Европскиот парламент, истакнувајќи дека тој дава силна поддршка на интегративните процеси на државата и ги поддржува реформските процеси, особено реформите во правосудството, борбата против корупцијата и останатите предизвици со кои се соочува државата.
Во однос на спорните одредби во Извештајот во врска со идентитетот и јазикот, тој потсети дека Европарламентот е независна институција, која носи политички одлуки согласно свои внатрешни процедури. „Најважно е да се истакне дека идентитетот и јазикот не се дел од преговарачките рамки. Идентитетот и јазикот најдобро се бранат со полноправно членство во ЕУ“, вели тој.
„ЕП ги признава македонскиот идентитет и јазик“
Словенечката европратеничка со македонско потекло, Ирена Јовева, е децидна дека усвојувањето на извештајот не значи дека Европскиот парламент не го признава македонскиот јазик или македонскиот идентитет и тоа не треба да се сфаќа така, зашто тие не можат да се земат ни со лобирање, ни со гласање.
„Тоа е поради тоа што ЕП, нема и никогаш нема да си земе за право да одлучува што било во врска со идентитет и јазик на кој било народ, па и на македонскиот. Идентитетот не може да се земе ни со лобирање, ни со гласање. Се случи тоа што се случи. Знам дека е тешко, и не е фер, како што и многу други работи не се фер, можеби и понефер од ова што се случи со гласањето. Ама, сепак, сакам народот да знае дека тоа е и сигнал дека ЕП не сака да се меша во тоа затоа што го признава македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, вели Јовева во изјава за Канал 5.
Таа не се согласува дека грчко-бугарското лоби надвладеало меѓу европратениците за прифаќање на амандманите за бришење на македонскиот идентитет и јазик од извештајот. „Ако надвладееше тоа лоби, ќе беше ставен амандманот модерен јазик, модерен идентитет, македонски, не знам ни што сакаа, но тоа немаше шанси да помине“, вели Јовева.
Зошто пак се отвора прашањето за јазикот?
Но, за македонската опозиција е спорно зошто воопшто повторно се отвора прашањето за македонскиот јазик и идентитет во најновиот извештај на Европскиот парламент.
„Ова прашање беше затворено и институционално потврдено. Во скрининг процесот се користеше македонски јазик, со официјални преведувачи во Европската Комисија. Имаме и билатерална изјава која го гарантира нашиот јазик со сите негови особености и дијалекти. Бевме пред добра ситуација, да добиеме признание за нешто што веќе беше затворено и потврдено и во Европскиот парламент. Како што кажав, тоа беше затворено прашање, а сега треба да се запрашаме како и зошто повторно е отворено?“, изјави пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во емисијата Отворено на Телевизија 24
Таа потенцира дека во Извештајот за првпат изостанува јасно наведување на македонскиот јазик, што е резултат на организирана реторика и притисок од бугарските европратеници. Од една страна, вели таа, добро што се усвоија препораките содржани во Извештајот на известувачот Томас Вајц, но од друга страна однесувањето на бугарските европратеници ќе остане запаметено како преседан кој остава горко чувство кај сите Македонци.
Бугарска перспектива
Бугарските политичари во меѓувреме ја поздравија измената на извештајот, кој помина без референците „македонски јазик и идентитет“. Поранешниот премиер Бојко Борисов вели дека „ова е јасен знак дека кога Бугарија е обединета – кога сите европратеници, институции и политички сили дејствуваат заедно – може да се постигнат резултати и да го бранат националниот интерес на највисоко ниво во Европа“.
„Во последните недели одржав голем број разговори со европски лидери и претставници на водечки политички семејства во ЕУ. Јасно објаснив дека европските документи не треба да се користат за националистичка пропаганда, туку треба да служат на вистината и добрососедството. Драго ми е што гласот на Бугарија беше слушнат. Повторно им подавам рака на нашите пријатели во Северна Македонија – да продолжиме заедно напред, врз основа на почитување и спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Во мене и во лицето на Бугарија, тие секогаш ќе имаат искрен и близок партнер“, вели Борисов.
Усвојувањето на амандманите со кои беа избришани референците за македонскиот јазик и идентитет од Извештајот за напредокот на Македонија ги коментираше и бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, која ги оцени како голем успех за Бугарија.
Шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, смета дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот, Софија успеала да спречи ЕП да биде искористен за домашна политичка пропаганда на македонскиот премиерот, Христијан Мицкоски. Георгиев за БТВ изјави дека Мицкоски очигледно не бил воодушевен од развојот на настаните во неговата земја и почнал да води битки на надворешен план кои, како што оценува бугарскиот министер за надворешни работи, се покажуваат како јалови.
„Бугарија е силна земја, Бугарија е фактор и во Европската Унија и во регионот, што Северна Македонија мора да го земе предвид. Ние сме земја членка на ЕУ, а Северна Македонија е само кандидат засега“, вели Георгиев.
Повици за обединување
Ваквата изјава следи откако македонскиот премиер Христијан Мицкоски на вонредна прес-конфрененција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во средата (09.07) рече дека ќе остане запишано и запомнето дека европскиот извештај со македонски идентитет и македонски јазик помина на Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент (АФЕТ) и дека се најде на масата на сите европратеници коишто гласаа во рамките на Европскиот парламент, што е првпат во независна Македонија.
„Остануваме горди, со крената глава. Денес Бугарија работеше против нас. Денес светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век. Денес комотно и на очиглед на сите, на Европа можеме да ѝ кажеме дека вистината излезе на виделина“, рече Мицкоски. Тој нагласи оти нема ништо поважно за него од македонските интереси и оти нема да дозволи да се случи ново предавство.
Тој повторно повика на обединување околу националните интереси. „Сфатете веќе еднаш, ако не сме обединети ќе нѐ прегазат ќе нѐ обезличат, како што веќе прават“, ѝ порача Мицкоски на опозицијата од трибината во Куманово.
Европскиот парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјата за 2023 и 2024 година, но беа избришани делови од текстот во Извештајот каде што се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.
Австрискиот европратеник Томас Вајц, кој е и известувач за земјата во ЕП и го подготви извештајот, по гласањето рече дека признавањето на идентитетот и јазикот на земја кандидат за членство во ЕУ би требало да биде природна и непроблематична работа. Тој посочи дека амандманите на првичната верзија на документот за референците за македонскиот идентитет и јазик потекнувале од четири групи во Европскиот парламент и оти смета дека тоа не било грешка, но во демократски процес се одлучило таа тема да не се вклучува во овој Извештај.