Изборните вечери се моментите кога станува јасно што значи демократија. И каков благослов е да се биде во можност да се гласа, да се избира. Прекрасно е што толку многу луѓе го гледаат тоа така и гласаа! И одлично е да се живее во земја каде што резултатите се прифаќаат. Олаф Шолц му честиташе на Фридрих Мерц. Тоа што ова треба екстра да биде нагласено, покажува дека тоа веќе не е разбирливо само по себе.
Изминатите неколку години не беа добри за оваа земја. Т.н. семафорска влада (СПД, Зелени, ФДП) постојано се караше и се распадна пред очите на јавноста. А Шолц беше канцелар кој секогаш оставаше впечаток како да направил сѐ како што треба. Кој не сакаше да ги слушне сите легитимни критики. Оваа ароганција е казнета - и тоа е добро. Тоа е демократија.
Соодветна би била поголема понизност
Мерц најверојатно ќе биде новиот канцелар. Тој сега има посебна важност. Самиот рече дека не останува уште многу време. Дека следните години ќе бидат клучни. Дека политиката мора да се подобри.
Но, најдоцна сега би било соодветно да се има малку повеќе понизност. Секој кој, како Мерц, им кажува на другите луѓе дека веќе немаат здрав разум, не прави баш недвосмислено понуда за разговор. И секако не беше паметно да се палат мостовите кон Зелените. Антагонизирањето на потенцијалните партнери не е најдобрата стратегија. И не изгледа веродостојно во изборната ноќ наеднаш да се смени тонот.
Изборната кампања остави рани - на сите страни. Недостигаше фер, разумен тон, ниво на рамноправност и почит. А тоа важи и за СПД и Зелените. Доближувањето на Фридрих Мерц до АфД беше груб фаул во оваа изборна кампања.
Да се видат сивите нијанси
Оваа АфД е големиот победник на вечерта. Во делови екстремно десничарска партија. Партија која дури повеќе и не го крие тоа. Која сака да го укине еврото и за која човечкото достоинство веќе не е неповредливо. Партија која сака да ја укине Европската Унија во сегашната форма. Која им се умилкува на Трамп и на Путин. Секој петти гласал за оваа партија и таа – што не е изненадувачки - е особено силна на истокот на Германија. „Заштитните противпожарни ѕидови" таму се рушат долго време. И тоа е исто така огромна задача за идниот канцелар Мерц, да ги врати гласачите на АфД во политичкиот центар.
Значи, сега следува нов почеток. Би била пожелна сојузна влада, но и опозиција која ги гледа нијансите на сиво. Која барем зема предвид дека и другиот би можел да биде во право. Да се слуша, да се дебатира, да се најде решение. Демократија во најдобра смисла на зборот, таа треба да биде заштитена. Особено сега - во време кога светот стана понеизвесен - потребна е стабилна Германија.
Автор: Габор Халаж, АРД
Коментарот во оригинал можете да го прочитате на следниот линк