По гласањето со помош на АфД: Протести против курсот на Мерц
31 јануари 2025Во многу германски градови, луѓето демонстрираа против заедничкото гласање во германскиот парламент на демохристијанските партии ЦДУ/ЦСУ и АфД за построга миграциска политика. Некои протести се одржаа во непосредна близина на објектите на ЦДУ и ЦСУ, вклучително и на партиските штабови на демохристијанските партии.
Во главниот град Берлин илјадници демонстранти протестираат против конзервативните партии Христијанско-демократска унија и Христијанско-социјална унија (ЦДУ/ЦСУ).
Демонстрациите се случија еден ден откако кандидатот за канцелар Фридрих Мерц соработуваше со екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) за да се протурка антиимиграцискиот нацрт-закон во долниот дом на германскиот парламент, Бундестагот.
Полицијата во Берлин процени дека бројот на демонстрантите пред седиштето на ЦДУ изнесувал околу 6.000, повеќе од 4.000 што се очекуваа, но помалку од 13.000 како што организаторите тврдеа дека присуствувале.
Мерц дека „го прави екстремизмот на АфД општествено прифатлив“
Гласањето во средата беше остро критикувано од канцеларот Олаф Шолц од левичарската Социјалдемократска партија (СПД), Зелените и од бројни црковни и граѓански групи како кршење на повоеното германско табу против соработката со екстремистичките партии. И поранешната канцеларка и лидерка на ЦДУ, Ангела Меркел се дистанцираше од курсот на Мерц.
Досега, сите големи партии во Германија го почитуваа ова непишано правило, земајќи ја при срце лекцијата од доаѓањето на нацистите на власт преку демократските структури. Со Мерц гласаше и бизнис-пријателската партија ФДП.
Алијансата „Заедно против десницата“ повика на протест во четврток под мотото „Нема соработка со АфД“.
Коорганизаторката на протестот, Каролин Мозер, ги обвини Мерц и ЦДУ/ЦСУ дека го прават „десничарскиот екстремизам на АфД општествено прифатлив“.
Освен во Берлин протести имаше и во сите други поголеми градови во Германија. Најавени беа натамошни демонстрации со оглед дека денеска, Бундестагот ќе расправа и ќе гласа за дополнителен нацрт-закон предложен од ЦДУ/ЦСУ за заострување на миграциско законодавство. За мнозинство во парламентот демохристијаните се повторно упатени на гласовите на АфД.
За разлика од нацрт-законот од средата, законот за кој треба да се гласа денеска ќе биде правно обврзувачки, иако мора да биде одобрен од горниот дом на парламентот, Бундесратот, пред да стане закон.