По Алјаска: Дали Трамп и Зеленски повторно ќе се приближат?
18 август 2025Будилникот на германскиот канцелар Фридрих Мерц ѕвони уште во рани мугри овој понеделник во одморалиштето на езерото Тегерн. Владиниот авион уште в зори полета од аеродромот во баварската престолнина Минхен.
Средбата во Вашингтон е закажана за на пладне по локално време. Американскиот претседател Доналд Трамп прво сака да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски за можни отстапки кон Русија, а дури потоа се планирани разговори со поголем круг. Меѓу поканетите се францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, италијанската премиерка Џорџија Мелони, финскиот претседател Александар Стуб, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и канцеларот Фридрих Мерц. Се смета дека Мелони, Стуб и Руте имаат особено добри релации со Трамп и тие според дипломатски кругови се таму за да ублажат евентуални вербални напади на Трамп на сметка на Зеленски. Во оваа многу чувствителна фаза од преговорите за судбината на Украина треба по секоја цена да биде избегнат скандал како оној за време на првата официјална посета на Зеленски кон крајот на февруари во Вашингтон, кога Трамп украинскиот гостин пред камери во Овалната соба го оцрни како неблагодарен.
Зеленски си замина огорчен. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп е мошне свесен дека состојбата на Украина претежно зависи од американска поддршка, како воена, така и политичка. Зеленски од гледна точка на Трамп е во позиција да моли, а не рамноправен партнер во преговори за „договор“.
Европејците сакаат да го придобијат Трамп
Самитот во Вашингтон може да се каже дека е продолжение на самитот во Алјаска од петокот, каде што на рускиот претседател Владимир Путин му успеа да го убеди Трамп, да се откаже од барањето за итен прекин на огнот во Украина.
Путин според едногласното мислење на политичките експерти во Германија, триумфираше и непречено можеше да ги наметне своите непроменети барања за анексија на украински територии, разоружување на Украина и укинување на санкциите. Според европските сојузници сега се работи за тоа да му се сугерира на Трамп дека неговиот преговарачки пристап води кон целта и тој да се убеди да бара повеќе отстапки од Русија.
Портпаролот на германската влада, Штефан Корнелиус, во Берлин пред патувањето во Вашингтон рече дека канцеларот Мерц ќе „го потенцира германскиот интерес за брз мировен договор во Украина“. Според извештај објавен во американскиот весник „Њујорк тајмс“, Путин и Трамп во Алјаска се согласиле дека нападнатата Украина мора комплетно да ги отстапи регионите Доњецк и Луганск на агресорот Русија, вклучително и областите кои моментално не се под воена окупација од Русија.
Украинскиот претседател од секогаш жестоко отфрлаше такви територијални отстапки. Веројатно најтешката задача за Володимир Зеленски ќе биде ова уште еднаш да му го појасни на Доналд Трамп.
Европејците се залагаат за прекин на огнот по актуелната линија на фронтот. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, напомена дека Украина веројатно ќе мора да ја прифати де факто анексијата на територии, дури и ако тоа не е меѓународно признато.
Дали наскоро ќе има „самит на тројката“?
Европските претставници на видео-конференција со украинскиот претседател во неделата повторно се обврзаа на безбедносни гаранции за Украина. Тие со задоволство примија на знаење дека и САД сакаат да учествуваат во безбедносните гаранции, доколку дојде до склучување на мировен договор.
Барем така во Берлин, Брисел, Лондон и Париз се толкуваат изјавите на Трамп по самитот во Алјаска. Доколку состанокот во Вашингтон со Украина и Европејците доведе до посакуваниот резултат, американскиот претседател Доналд Трамп сака неодложно да организира „самит на тројката“ со Украина и Русија, евентуално уште следниот петок.
Рускиот лидер Владимир Путин во Алјаска на Доналд Трамп очигледно му кажал дека би учествувал на таков самит, наведува „Њујорк тајмс“, но само доколку Украина претходно направи територијални отстапки.
Путин спротивно на вистината го прикажува украинскиот претседател како нацист и нелегитимен носител на функцијата. Не само во Берлин политички аналитичари се прашуваат дали тој навистина ќе се сретне со него, или само игра на картата со времето.
Самитот Трамп-Зеленски, со европски штит, е закажан за денеска доцна попладне, по локално време во Вашингтон. Канцеларот Мерц не планира да преноќи, туку веднаш се враќа директно во немирниот одмор на езерото Тегерн.
Канцеларот веќе неколку пати мораше да го прекинува одморот поради самитот во пресрет на самитот за Украина, како и за оној отпосле и повеќе видео-конференции. Веројатно ова нема да биде последното прекинување, доколку во петок навистина дојде до троен самит за ставање крај на војната. Минатиот петок прес-конференцијата во Анкориџ ја гледал на телевизија, рече Фридрих Мерц. Неговиот впечаток за раскошниот и пријателски прием што Трамп му го приреди на Путин во Алјаска е дека „и помалку ќе беше сосем доволно“.