Природните ресурси за 2025 се потрошени
24 јули 2025Овој ден, кој се слави секоја година, во 2025 година доаѓа една недела порано од минатата година. Главната причина е што океаните можат да апсорбираат помалку јаглерод-диоксид (CO₂) отколку што се сметаше претходно.
Прекумерно ги користиме природните ресурси, многу побрзо отколку што можат да се обноват, а тоа се рефлектира во уништувањето на шумите, губењето на биолошката разновидност и акумулацијата на емисии на јаглерод диоксид во атмосферата. Тој тренд започна во раните 1970-ти години.
Матис Вакернагел, коосновач на организацијата Глобална мрежа за отпечатоци, за ДВ изјави дека прекумерната употреба на ресурсите на Земјата предизвикува многу „еколошки проблеми“. Ова значи дека нивната нормална, редовна употреба е поголема од способноста на планетата да ги обнови. А тоа има кумулативен ефект.
„Дури и ако го задржиме истото ниво на потрошувачка на ресурси, ќе го зголемиме еколошкиот долг“, тврди Вакернагел, додавајќи дека овој долг може да се измери.
Прекумерната потрошувачка како глобален проблем
Катар, Луксембург и Сингапур се меѓу првите земји кои ги надминаа своите годишни капацитети уште во февруари. САД беа веднаш зад нив.
Доколку сите во светот трошеа ресурси како жителите на Соединетите Американски Држави, ќе беа исцрпени до 13 март. Доколку трошеа како Германија и Полска тогаш на 3 мај, како Кина и Шпанија на 23 мај, а доколку ги користеа како Јужна Африка, ќе беа потрошени на 2 јули.
Вакернагел наведува дека „високиот БДП обично води до поголема потрошувачка на ресурси“, но дека ова не е единствениот фактор.
Катар, со својата пустинска клима, малку врнежи од дожд и многу топли, влажни лета, во голема мера се потпира на климатизација, напојувана од енергија од фосилни горива.
„Фосилните горива им се лесно достапни, па затоа нивната употреба е евтина, но има огромен еколошки отпечаток“, вели експертот, додавајќи дека Катар, исто така, користи многу ресурси за енергетски интензивен процес на десалинизација на морската вода.
Од друга страна, Уругвај нема да го надмине својот капацитет до 17 декември и успешно се префрли на обновливи извори на енергија, потпирајќи се главно на хидроенергија, ветер и биомаса.
Живеење во границите на она што планетата може да го обнови
Исто така, постојат земји кои остануваат во границите на капацитетот на планетата, како што се Индија, Кенија и Нигерија. За целиот свет да остане во рамките на одржливите граници, еколошкиот отпечаток по лице би морал да биде еднаков на достапниот биокапацитет по лице, кој моментално изнесува околу 1,5 глобални хектари.
Биокапацитетот се дефинира како површина на копно и море што обезбедува ресурси како што се храна и дрво, интегрира урбана инфраструктура и апсорбира вишок CO₂. Според тоа, станува збор за способност на екосистемот да произведува корисни биолошки супстанции и да апсорбира штетен отпад, како што е CO₂. Сè што го надминува тоа ниво значи прекумерна експлоатација на ресурсите.
Децениите прекумерно трошење го земаат својот данок
Вакернагел вели дека користиме ресурси „многу повеќе отколку што Земјата може да регенерира“, но дека колективно веруваме дека она што го правиме е во ред. „Се лажеме себеси“.
Пол Шривастава, копретседател на тинк-тенкот Римски клуб, вели дека е време да го промениме начинот на кој ја разбираме економијата. „Мора да преминеме од екстрактивен и експлоататорски начин на размислување кон регенеративен“, вели тој за ДВ.
„Рударството е екстракција. Нафтата е форма на екстракција. Откако ќе ја извадиме од земјата, не враќаме ништо во неа“, додаде тој.
Вакернагел нагласува дека не станува збор за тоа од што треба да се откажеме, туку како да се подготвиме за иднината и да разбереме што ќе има вредност тогаш.
Наместо да се прилагоди економијата за да се намали прекумерната употреба на ресурсите, луѓето се обидуваат да „исцедат секоја последна капка од тубата со паста“, предупредува Вакернагел.
„Во Соединетите Американски Држави, каде што живеам, многу од големите проблеми на последните избори беа поврзани со прекумерната потрошувачка - на пример, стравот од немање доволно енергија.“ Сепак, владата не го реши проблемот, туку продолжи со политиката на „дупчење повеќе дупки и вадење повеќе фосилни горива“ од земјата.
Како да се помести Денот на еколошкиот долг?
Организацијата Глобална мрежа за отпечаток презентираше серија решенија во пет клучни области за да го одложи Денот на зелениот долг.
Енергетскиот сектор е убедливо најголемиот фактор: Воведувањето цена за емисиите на CO₂, што би ја одразувало неговата вистинска цена, би го компензирало еколошкиот долг за 63 дена.
Паметните градови со интегрирани транспортни системи, напредно управување со енергијата и сензори што ја регулираат потрошувачката на енергија во зградите би можеле да додадат уште 29 дена.
Заменувањето на термоцентралите на јаглен и гас со обновливи извори на енергија како што се сонцето и ветерот, и производство на 75 отсто од електричната енергија од извори со ниски емисии на CO₂, би направило заштеди и би го поместило еколошкиот долг назад за уште 26 дена.
Преполовување на фрлањето од храна би заштедило дополнителни 13 дена, додека замената на 50 отсто од глобалната потрошувачка на месо со алтернативи базирани на растенија би заштедила уште седум дена - само врз основа на емисиите на CO₂ и користењето на обработливо земјиште. Само еден ден откажување од месо неделно би значело уште два дена заштеда.
„Голем интерес да се задржи постоечкиот систем“
„Постојат силни интереси да се задржи постоечкиот систем“, особено кога станува збор за фосилните горива“, укажува Шривастава.
Тој смета дека со оглед на тоа што индивидуалните промени – на ниво на поединец, како што е помала консумација на месо, возење велосипед наместо автомобил и летување на поблиска дестинација – имаат помало влијание, гласачите имаат моќ да бараат системски промени.
„Можеме да влијаеме на оние кои имаат моќ“, истакнува Шривастава, повикувајќи на мирољубиви протести и поддршка на локалните политичари кои имаат еколошка визија.
„Прекумерната потрошувачка на ресурси е втор најголем ризик со кој се соочува човештвото во овој век“, заклучува Вакернагел. „А најголем ризик е – да не реагираме.“