Невработени лица ќе се ангажираат за гаснење на пожарите
7 јули 2025Владата ги повикува пред се младите, оние коишто немаат и бараат работа да и помогнат на државата во справување со пожарите. Тие ќе можат да аплицираат за времено ангажирање за коешто ќе добиваат паричен месечен надоместок од по 24 илјади денари. Но, истовремено ако се покажат добри, ќе добијат шанса и за трајно вработување во некоја од единиците на противпожарна заштита. Станува збор за нова мерка на Владата која е опфатена со оперативниот план за вработување и за првпат се проведува во Македонија.
Кој може да се пријави?
Пријавувањето ќе се одвива преку јавен повик, кој ќе биде објавен од страна на општините.
„Секое лице кое што се чувствува подготвено и мотивирано да даде придонес во оваа заедничка мисија, ќе може да аплицира со поднесување на пријава и апликација. Локалните самоуправи во овој случај ќе имаат активна улога во спроведувањето, затоа што борбата против пожарите е одговорност што ја споделуваме - од централно, до локално ниво“, вели владината портпаролка, Марија Митева.
Планот е оние што ќе се пријават да бидат распоредени во тимовите на заштита и спасување и од најдобрите ќе бидат селектирани оние коишто ќе влезат во новата единица за заштита и спасување, вели првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Оние што ќе се пријават треба да бидат психофизички здрави, а ќе се проверува и нивната физичка кондиција. Лица што имаат хронични, срцеви заболувања, дијабетес не е препорачливо да се пријавуваат.
Повик во 14 општини, но не и во Кочани и Струмица
Според Митева, повикот за ангажман на лица за справување со пожарите важи за 14 општини, каде што има противпожарни единица. Општините Кочани и Струмица не поднеле план за вклучување во овој проект.
Во општините во моментот има околу 700 до 800 пожарникари. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ вели дека согласно стандардите и бројот на жители, неопходно е да има најмалку 1.500 пожарникари.
„Со 400 нови вработувања ќе се реши дел од проблемот“, вели таа.
Дирекција за заштита и спасување за време на викендот презентираше 50 возила за гаснење на шумски пожари на тешко достапни терени.
Станува збор за армиски и полициски возила како што се БТФ, старите хермелини и слично, кои што беа во магацините на Министерството за одбрана и МВР, а кои се модернизирани и на кои им се инсталирани посебни резервоари за вода, пумпи кои што работат на висок притисок и можат да пристапуваат на непристапни терени.
Дел од возилата веќе беа тестирани на терен. Ангелов вели дека биле искористени за гаснење на пожар во околината на Скопје. Во моментот активен е пожар кај Блаце, којшто има неколку краци. Проблематично е што е на непристапен терен, но Ангелов уверува дека нема ризик за населени места и за објекти.