Пред локалните избори: спорни тендери и покажување мускули
28 мај 2025Пет месеци пред локалните избори, политичката сцена во Северна Македонија ја брануваат спорни тендери, обвинувања за криминал и дивоградби. Реториката меѓу актерите на политичката сцена се заострува, па се почесто се слушаат навреди и покажување мускули, а „лекот“ за расветлување на сите сомнежи се бара во Обвинителството.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги повика сите надлежни во обвинителството и судството, како и невладините организации да се вклучат во проверка на тендерската документација за набавка на униформи за полицијата.
„Јас ги повикувам надлежните во обвинителство и судството, како и невладините организации, како и министерот за внатрешни работи да се стават на јавен увид тендерските документации од сега, но и од минатото, за да се види како се набавувала опрема за МВР“, рече Мицкоски. Тој ги повика медиумите будно да ја следат целата постапка, откако опозициската СДСМ обвини за „корупциски шеми“ во МВР.
Обвинувања за корупциски шеми
Претходно и првиот полицаец Панче Тошковски го повика обвинителството да се вклучи и да го истражи случајот. Тој демантираше дека сопственичката на модното студио, за кое опозициската СДСМ обвини дека е основано непосредно пред распишување на тендерот и е со двајца вработени, е пријателка на неговата сопруга.
„Ниту знам кој е сопственик на модно студио, ниту верувам дека кој и да е сопственик е блиска пријателка на мојата сопруга. Од прашањето што ми го поставувате народот многу добро ќе сфати дека ова е само една од хајките кои што се прават против мене. До сега не верувам дека во историја на Македонија имало две интерпелации за три месеци, против кој било политичар“, рече Тошковски, кој на 29 април ја „преживеа“ и втората интерпелација којашто беше поднесена за него.
Реакцијата следи по сознанијата коишто ги пласираше опозициската СДСМ дека „фирма основана 20 дена пред распишување на тендер, без седиште, вработени, без искуство, без капацитет, добила тендер вреден 4 милиони евра“.
„Кога фантомски фирми добиваат милионски бизниси тоа е основа за системска корупција во врвот на власта. Смрди на корупција. И тоа во институција којашто треба да се бори против корупцијата а не да биде извор. За скандалозниот тендер во МВР институциите не може да бидат неми следачи туку мора да отворат постапки согласно своите надлежности“, порачаа од СДСМ и побараа Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување корупција да постапат и да го заштитат јавниот интерес, а „скандалозниот тендер да биде поништен“.
Мицкоски вели дека станува збор за рамковна спогодба и јавна набавка од отворен карактер која е без ограничувања - секој кој бил заинтересиран можел да се јави и да даде понуда. „Согласно таа рамковна спогодба, доколку се испорачаат и се користат униформите, МВР ќе има обврска да ги исплати. Не знам дали имаат или не капацитет, бидејќи се јавиле на тендерот и доколку немаат капацитет, договорот ќе биде раскинат. Во спротивно тој ќе се реализира“, вели Мицкоски.
Дивоградби и криминал
Предизборието го одбележаа и обвинувања за дивоградби и незаконско работење во општините. За дел од случаите за коишто се крена прашина во јавноста веќе се отворени постапки. Па така, надлежните истражни органи најавија дека ќе се вклучат во „ловот“ на дивоградби во општина Чаир, којшто го иницираше градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. По неколку месеци затишје, таа деновиве пред крајот на нејзиниот мандат, повторно ја разбранува јавноста вршејќи обиколка на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности. Таа обвини дека станува збор за дивоградби, директно посочувајќи ја вината кај градоначалникот Висар Ганиу од владината коалиција „Вреди“, на кого му порача: „Висар, дечко, те чекаме да дојдеш, имаш направено фалсификат при легализација“.
Според неа, во Чаир „продолжуваат нелегалните и криминални активности на ’принцезата на дивограбите’ и неговиот ментор“. „Повторно во обид да ги прикријат трагите од тој криминал спроведен со спротивно на закон и диво градени објекти на државно земјиште. На лице место денес затекнавме работници кои биле непосредно ангажирани од сторителите на кривичното дело бесправна градба и узурпација на државно земјиште, им платиле во кеш и ги упатиле на лице место да ја скријат дупката со која го оштетија булеварот и подземните инсталации на водовод, канализација и високонапонските кабли за струја. Ова е со цел да ја избегнат одговорноста за нивните криминали“, објави Арсовска деновиве.
Најави „фељтон“ во којшто ќе ги објавува сите констатирани и спречени незаконски постапувања и криминал, со аргументи и докази, а по коишто не постапиле надлежните институции. Посочувајќи дека во градот Скопје во три години спречиле над 150 незаконски обиди за легализации на дивоградби, Арсовска го повика вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити да дојде во Чаир и да се „соочат на терен“.
„Храбриот“ Меџити никаде го нема да се соочи на терен со мене за дивоградбите кои тој и Висар Ганиу со години спротивно на закон ги граделе и легализирале во Чаир, со фалсификување на документи и одобренија за тие дивоградби“, рече Арсовска.
Жртва на туѓи нарачки
Но, првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити смета дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е жртва на туѓи нарачатели кога прави обиколки низ Општина Чаир. Во интервју за ТВ Сител, Меџити ја повика Арсовска да направи обиколка и во скопски Сарај за, како што рече, да види како таму стои бројот на дивоградби.
„Јас жалам што таа е жртва на друг нарачател и дека два-три месеца пред изборите ѝ текна дека постојат Чаир и Скопје. Но добро е истата градоначалничка да отиде и во Сарај, да види како стои бројот на дивоградби, како се легализираат по едно евро надвор од законските прописи. Да земе список од градежниот инспекторат и да го види вкупниот број на дивоградби, да види каде на таа листа е Чаир, а каде се другите општини“, изјави Меџити.
Арсовска деновиве води уште една битка - пред Уставниот суд, каде ја оспорува одлуката за донесување на ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров од февруари 2024 година.