Пет години во НАТО: солидарност на дело по пожарот во Кочани
27 март 2025На петгодишнината од зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, земјата им се заблагодари на сојузниците за солидарноста и понудената рака за итно згрижување на младите пациенти настрадани во неодамнешнататрагегија во Кочани, каде загинаа 59 млади лица, а повеќе од стотина беа повредени.
„Вашиот брз одговор ја покажа силата на солидарноста, која е главната карактеристика на нашиот сојуз, а која во овој случај беше демонстрирана од се срце. Овој случај уште еднаш ја покажа важноста на солидарноста која треба целосно и заеднички да ја негуваме како наш главен столб во меѓусебните односи. Ви благодариме уште еднаш за сета поддршка и изразите на сочувство за еден од најтешките моменти за нашата земја“, порача шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски на средбата со амбасадорите на земјите-членки и партнери на Алијансата.
Силно сојузништво
Работната средба се одржува на петгодишнината од членството во НАТО, коешто е важно поглавје за Северна Македонија. „Изминуваат пет години на силно сојузништво, единственост, решителност и солидарност во справувањето со заедничките закани, во време на предизвици кои имаат сериозни импликации на нашата безбедност“, вели Муцунски.
Од моментот на осамостојувањето, тој вели дека земјата се определи за евроатланските и европските интеграции, кои претставуваат не само стратешка цел, туку и извор на внатрешна кохезија и мотивирачка енергија. Потсетувајќи дека на патот кон НАТО, земјата се соочи со многу предизвици, Муцунски оцени дека ваквите околности, сепак, не биле пречка за исполнување на целите, кои се широко поддржани од македонските граѓани и од политичарите.
„Нашето членство во НАТО внесе оптимизам и има позитивни импликации врз регионот. Како членка на НАТО денес имаме можност да придонесеме кон градење на политичка и безбедносна стабилност, не само за нас туку и за регионот и за Европа. Заедно со сојузниците ја градиме европската иднина и се справуваме со предизвиците со кои се соочува европскиот континент, а коишто имаат надворешни импликации“, додава Муцунски.
Датум за паметење
Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата на 27 март 2020 година, 27 години откако Собранието во 1993 едногласно усвои Резолуција во која се дефинирани надворешнополитичките приоритети на земјата - членството во НАТО и во Европската Унија.
На 15 ноември 1995 година државата го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, земјата стекна статус на земја кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.
Во ноември 2024 година поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, беше избрана за нов заменик генерален секретар на воената алијанса. Северна Македонија влезе во НАТО пред пет години, а Шекеринска имаше клучна улога во нејзиното членство. Назначувањето на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, најмоќниот воено-политички сојуз во светот, беше оценето како уште еден показател дека Северна Македонија, како рамноправна членка на НАТО, има капацитет да придонесе за глобалната безбедност и стабилност.
„Пред мене е одговорност која бара целосна посветеност и работа на теми кои се клучни за глобалната безбедност и стабилност. Ќе продолжам да се залагам за вредности кои го зацврстуваат мирот, соработката и интеграцијата меѓу земјите членки на НАТО, но и да ја претставувам Северна Македонија со гордост на оваа висока меѓународна позиција“, порача Шекеринска по преземањето на функцијата на крајот на минатата година, истакнувајќи дека успехот не е само личен, туку е и успех за државата. „Заедно покажуваме дека Северна Македонија има што да понуди на глобално ниво“, посочи таа.
Улогата на заменик-генерален секретар е зголемена на важност во текот на последната деценија. Примарната негова улога е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.
Идни планови
Висока делегација од НАТО Алијансата предводена од генералот и заменик директор за одбранбено планирање Фредерик Готије и Стјуарт Ендрјус висок политички експерт и известител за Македонија, заедно со тим експерти од Министерството за одбрана учествуваат на годишните билатерални одбранбени разговори со Алијансата.
„Разговаравме за процесите за спроведување на одбранбените реформи, плановите за развој на одбранбените способности, досегашните искуства на Алијансата како и за препораките од НАТО-тимот за исполнување на НАТО целите на способности.Пред НАТО-тимот уште еднаш ја потврдивме заложбата на Министерството за одбрана за континуирани реформи и развој на одбранбените способности во служба на националната и колективната одбрана“, објави министерот за одбрана, Владо Мисајловски.
Согласно заложбата за инвестирање во одбраната, усвоена на Самитот во Вилнус во 2023 година, а реафирмирана на Самитот во Вашингтон минатата година, земјата издвојува 2 проценти од бруто-домашниот производ за одбраната, односно 329 милиони евра, од кои над 32 проценти се наменети за опремување и модернизација на македонската Армија.