Пендаровски: Со Румен Радев не може да се преговара
30 мај 2025„Румен Радев е архитектот на бугарската блокада кон Македонија кој тврдо ги застапува позициите на бугарскиот национализам од времето на комунизмот, вели во интервју за Дојче Веле, поранешниот македонски претседател Стево Пендаровски.
„(...) Сум имал многу разговори со него на меѓународни собири. Тој дојде и на мојата инаугурација во 2019 година и уште тогаш тврдо ги застапуваше позициите на бугарскиот национализам од времето на комунизмот. Тој човек ја натера владата да донесе своја декларација, и во бугарскиот парламент кој брои 250 пратеници таа декларација беше изгласана со 204 гласови. Јас паметам тогаш коментирав дека таа декларација е донесена со севернокорејски процент.
Тој човек беше иницијаторот на блокадата кон Македонија.
Не може да очекувате од оној кој го направи проблемот, да го реши. Дури и со Каракачанов во таа влада на Бојко Борисов, тој не беше главниот. Главниот човек кој ја утврди таа патека беше Радев. Вие со него не можете со гледање опери или културни настани да издејствувате промена во тој став, затоа што тој човек верува во тоа што го направи, и во тоа што ги натера сите други да веруваат во таа позиција“, вели Пендаровски.
Целото интервју со поранешниот претседател во кое тој зборува за стратешките правци на новата влада, односите со администрацијата на Доналд Трамп и македонскиот пат кон ЕУ, читајте го утре на нашата интернет страница.