Приближувањето на владата до новата американска администрација е колосално аматерско промашување, оценува во интервју за ДВ поранешниот македонски претседател Стево Пендаровски.
На прашањето, што доби Македонија досега од партнерството со администрацијата на Доналд Трамп, Пендаровски вели: „Добивме царини.“
„Единствена работа која „ја добивме“, бидејќи тоа не е добра добивка, не е добра вест за нашиот народ, добивме царини како и сите други и немавме никакво исклучување од тарифниот систем на американскиот претседател. Јас веќе го коментирав тоа наше нагло приближување до новата американска администрација, со тезата дека ние сме први, можете да замислите една држава со 1,8 милиони луѓе, прва до американскиот претседател, со најава дека сите други ќе се постројуваат зад нас. Ние, нели го запоседнавме тој периметар веднаш до и се глорификуваше улогата на некои наши иселеници и некои американски државјани како Лутник кои се сега во администрацијата на Трамп или Ричард Гренел кој е емисар за специјални операции, дека тие можат да ни обезбедат привилегирана позиција во идната политика на Трамп. Јас тоа и тогаш и сега го нарекувам колосално аматерско промашување или погрешна проценка кога ги бирате вашите нови, надворешно политички приоритети.“