Пендаровски: Од Трамп досега добивме само царини
30 мај 2025Приближувањето на владата до новата американска администрација е колосално аматерско промашување, оценува во интервју за ДВ поранешниот македонски претседател Стево Пендаровски.
На прашањето, што доби Македонија досега од партнерството со администрацијата на Доналд Трамп, Пендаровски вели: „Добивме царини."
„Единствена работа која „ја добивме", бидејќи тоа не е добра добивка, не е добра вест за нашиот народ, добивме царини како и сите други и немавме никакво исклучување од тарифниот систем на американскиот претседател. Јас веќе го коментирав тоа наше нагло приближување до новата американска администрација, со тезата дека ние сме први до американскиот претседател, со најава дека сите други ќе се постројуваат зад нас. Ние, нели го запоседнавме тој периметар и се глорификуваше улогата на некои наши иселеници и некои американски државјани како Лутник или Ричард Гренел, дека тие можат да ни обезбедат привилегирана позиција во идната политика на Трамп. Јас тоа и тогаш и сега го нарекувам колосално аматерско промашување или погрешна проценка кога ги бирате вашите нови, надворешно политички приоритети. Зошто? Вие морате да процените каков профил е новиот американски претседател. По сите проценки- трансакционен, кого го интересираат пари и ресурси од различен тип. На пример, минералите во Украина. Што можеме ние да му понудиме на таков политичар? Апсолутно ништо“, вели Пендаровски.
Целото интервју со поранешниот претседател во кое тој зборува за стратешките правци на новата влада, односите со администрацијата на Доналд Трамп и македонскиот пат кон ЕУ, читајте го утре на нашата интернет страница.
Ставот на Пендаровски за Договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство прочитајте го тука.