Паушалните сметки за струја пред Уставен суд
18 август 2025Здружението „Инженери на Република Македонија“(ИНРМ) поднесе иницијатива до Уставниот суд за укинување на членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија и за преиспитување на делови од член 185 од новиот Закон за енергетика. Причината за оваа иницијатива е продолжувањето на праксата за издавање „паушални фактури за струја“, иако од 29 мај 2025 година, Законот за енергетика законот наложува фактурите да се засноваат исклучиво на реално измерена потрошувачка преку отчитување на броилото.
Процена на потрошувачка
Но, и покрај ваквите законски одредби, според подносителите на иницијативата, ЕВН во своите фактури користи и процена на потрошувачката.
„Во фактурите постои графа „начин на кој е прочитано броилото: О = Отчитано; М = Проценета состојба“, што значи дека на потрошувачите им се фактурира струја врз основа на проценки наместо на фактичка потрошувачка“, велат од ИНРМ.
Според здружението, ова е спротивно на законот, создава правна несигурност и е ризик граѓаните неправедно да бидат исклучени од мрежата како должници.
Правна несигурност
Поради тоа, како што наведуваат од ИНРМ во образложението на иницијативата, има потреба од итно укинување на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија и преземање регулаторни и надзорни мерки против ЕВН поради незаконска пракса на паушално фактурирање, спротивно на одредбата од новиот Закон за енергетика и правата на потрошувачите.
„Исклучоци кои го оправдуваат издавањето на фактури врз основа на претпоставена вредност се дозволени само кога мерењето не може да се изврши поради техничка неисправност или оштетување на мерниот уред. Секое друго отстапување, особено она кое произлегува од субјективни причини како неотчитување, организациски пропусти, непојавување на службено лице или административен пропуст, веќе не претставуваат дозволен основ за паушално фактурирање“, наведуваат од Здружението.
Тие во март годинава поднесоа претставка до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со барање за измена на правилата за снабдување на електрична енергија. Тие бараа конкретни решенија за спречување на неправедните наплати во фактурите за електрична енергија кај домаќинствата и елиминирање на дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН.
Доказ за отчитување
Податоците од почетокот на годината покажаа дека само за еден месец на адресата на ЕВН Хоум пристигнале 15 илјади барања за корекции на високите сметки за струја. Само мал број од нив се коригирани.
Доколку граѓаните се сомневаат дека нивните броила не се редовно отчитувани можат да ја споредат фактурата со вистинската состојба на броилото, а ЕВН е должно да реагира. Граѓаните имаат можност и сами да пријават состојба со отчитување на броилото и да ја пратат на меил адресата на ЕВН или да поднесат барање до ЕВН Хоум за физичко отчитување на броилото и проверка на блоковите, доколку не се во можност сами да го отчитаат броилото. Воедно може да побараат и доказ за отчитување. Според законот, ЕВН мора да обезбеди потврда за кварталното отчитување. Доколку ја нема, граѓанинот има право на ревизија.
Во Македонија има вкупно 820 илјади броила. Според законот, ЕВН Хоме е должно квартално (на секои 3 месеци) да ги отчитува броилата за да се осигури дека податоците се точни.