Загриженост по најавите за повереници место градоначалници
22 август 2025Најавите за можно поставување на владини повереници место градоначалници во општините, доколку не успеат локалните избори во Македонија, предизвика низа реакции во јавноста. Според опозициската СДСМ, изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за поставување „владини повереници“ претставува директен напад врз уставниот поредок и граѓанската волја.
СДСМ: „Напад врз уставниот поредок“
„Неговата изјава за поставување „владини повереници“ претставува директен напад врз уставниот поредок и граѓанската волја“, велат од партијата. Тие сметаат дека премиерот планира да ја суспендира Државната изборна комисија (ДИК) и да ги преземе нејзините законски надлежности, посочувајќи дека ДИК е единствениот надлежен орган за спроведување на изборите, коишто веќе се распишани и се одвиваат според Изборниот законик.
ДОМ: „Антидемократски предлог“
Реагираа и од Демократска обнова на Македонија (ДОМ), кои велат дека се загрижени по изјавата на премиерот во четвртокот (21.08) дека доколку локалните избори во октомври се „неуспешни“, Владата ќе именува повереници како градоначалници.
„Овој предлог е јасно антидемократски: ја поништува смислата на изборите и ја игнорира волјата на граѓаните кои можеби, замислете, би избрале независни кандидати за градоначалници или советници. Ова не е ‘политичка тактика’, туку директна најава за самоволие во општините, што наликува на грубото воспоставување на режим кој на сите ни е многу добро познат“, велат од ДОМ.
Тие побараа премиерот веднаш да ја повлече оваа закана и да ги почитува уставните права на граѓаните. „Граѓанската волја не е на продажба – не дозволуваме да биде отстапена на партиските калкулации и на старите манипуланти со политичка моќ“, порачаа од ДОМ.
Што предложи Мицкоски?
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека не ја исклучува можноста да се создадат проблеми во изборниот процес, по одлуката да им се дозволи на независните кандидати за советници и градоначалници со само два граѓански потписи да можат да учествуваат на локалните избори во октомври. Тоа ги наметна стравувањата дека може да се зголеми бројот на кандидати и да направи гласачкото ливче да биде долго и збунувачко. Но, според премиерот, ако тоа се случи и изборите бидат неуспешни, Владата има уставно и законско право и можност да именува повереници во општините.
„Се е можно, можно е гласачкото ливче да биде 7-8 метри, да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот, но тука сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници“, изјави Мицкоски.
Можноста со само два потписи на граѓани да се отвори патот на независните кандидати да можат да учествуваат на локалните избори во Македонија, произлезе од новиот правилник кој Државната изборна комисија (ДИК) кој беше усвоен неодамна, по правната празнина што настана откако Уставниот суд во мај укина две одредби од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. Овие одредби го одредуваа бројот на потписи што треба да се соберат кога подносители на листа на кандидати се група избирачи, односно граѓански инцијативи.
Што велат експертите?
Политичкиот аналитичар Предраг Арсовски во изјава за „Независен“ вели дека не гледа можност да не успеат локалните избори во Македонија, заради учеството на независните и изјавите во тој правец ги смета за претерани – освен ако некој има сознанија дека независните листи со два потписи ќе се злоупотребуваат од некого.
„Што значи тоа изборите да се неуспешни? Постои можност да не бидат избрани градоначалници, но нема таква можност за избор на советници. И еден граѓанин да гласа, ќе бидат избрани“, вели Арсовски, по дилемите кои се отворија во јавноста околу претстојните локални избори. Според него, се крева преголема тензија околу изборните листи бидејќи, ако се покаже дека поради нивната големина гласањето се одолговлекува, ДИК може без проблем да го продолжи рокот за гласање за 24 часа.
И според опозициската СДСМ, тезата за „збунувачки“ ливчиња поради независни кандидати е апсурдна. „И на минатите локални избори имаше голем број на независни кандидати и листи во општините па не беше никаква пречка“, велат од СДСМ и порачуваат дека во Македонија мора да има слободни, фер и демократски избори на кои граѓаните јасно ќе ја изразат својата волја.