Партиите се препукуваат, ЗНМ бара итни реформи
2 мај 2025Најновиот извештај на Репортери без граници (РСФ), според кој Северна Македонија бележи пад од шест позиции на Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година и се рангира на 42 место, е јасен сигнал до институциите дека се неопходни итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите. Ова е оценката на Здружението на новинари на Македонија, коешто смета дека извештајот е реален и балансиран приказ на состојбите, кој јасно ги посочува постојните предизвици и потребата од суштински реформи.
Што покажува извештајот?
Во правниот дел, извештајот нотира дека националното законодавство сè уште не е усогласено со европските стандарди, а злоупотребата на т.н. SLAPP-тужби (стратешки тужби против јавна партиципација) останува механизам за притисок врз критичките медиуми и новинари.
Во делот за безбедност, и покрај позитивниот чекор со назначувањето на контакт точки во ЈО и МВР за случаи на напади врз новинари, извештајот бележи продолжени случаи на заплашување, притисоци и напади кои го нарушуваат чувството на сигурност кај новинарите, особено кај оние што известуваат за злоупотреба на моќ и корупција. Извештајот укажува на тенденцијата носители на јавни функции да имаат негативни и понижувачки ставови кон новинарите, а таквиот однос создава атмосфера на недоверба и недостоинство, која лесно се прелева и во јавниот дискурс, но и во реални закани и напади врз новинари.
Во економскиот дел, се истакнува дека финансирањето на медиумите е ограничено и нетранспарентно, а редакциите често се подложни на економски влијанија. Извештајот се однесува на изборната 2024 година, во период на поларизирана политичка клима која резултираше со засилен партиски дискурс во јавната комуникација и медиумите.
Кои се клучните приоритети?
Клучните приоритети, според ЗНМ, треба да бидат усогласување на националното медиумско законодавство со Европскиот акт за слобода на медиумите (ЕМФА), за да се обезбеди покохерентна и транспарентна правна рамка, како и формирање на фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, со цел зајакнување на независноста и одржливоста на професионалното новинарство.
Според ЗНМ, потребно е ефикасно решавање на сите сериозни случаи на закани и напади врз новинари, вклучувајќи проширување на институционалните механизми и надвор од главниот град, воведување на правни заштити против злоупотреба на SLAPP-тужбите, со цел заштита на новинарите кои известуваат во интерес на јавноста, а политичарите, особено оние на позиции на моќ, треба да преземат одговорност и да придонесат кон создавање на култура на почит, транспарентност и конструктивна комуникација со медиумите.
Партиите се препукнуваат кој е виновен
Според опозициската СДСМ, падот на Македонија за 6 места на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година, објавен од „Репортери без граници“, е уште еден алармантен показател за погрешната насока во која оди државата под власта на ВМРО-ДПМНЕ.
Репортери без граници оценуваат дека независните медиуми се изложени „на закани и напади“ и констатира дека владините функционери имаат тенденција да имаат „лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.
„Наместо да работат на унапредување на демократските стандарди, Владата предводена од ДПМНЕ се враќа на старите методи на контрола, притисоци и страв.Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се ставаат под притисок, а медиумскиот простор се затвора. Оваа тенденција повторно се потврдува“, велат од партијата.
Но, според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, падот на Индексот на Репортери без граници се должи главно на ширење на лажни вести и дезинформации. „Главната фабрика за лажни вести и дезинформации, во отсуство на конструктивни политики се СДС и Венко Филипче, за што како партија имаат и осудителни пресуди за тоа“, реагираат од партијата.
Според ДУИ, загрижувачки е што во извештајот јасно се детектира постоење на одредени паралелни медиумски системи, директно поврзани со политички и економски центри на моќ, кои влијаат врз уредувачката политика и ја поткопуваат довербата на граѓаните. „Наместо селективна поддршка и политички погодни уредувачки пристапи, неопходна е поддршка на професионалните стандарди, независноста на јавниот сервис, заштита на новинарите и институционална подготвеност да се одговори на критичкото известување со отчетност, а не со притисоци“, велат од партијата.