Орбан ја споредува Фон дер Лајен со Брежњев
27 јуни 2025Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека полицијата нема да ја „разбие“ саботната Парада на гордоста во Будимпешта, иако издаде забрана за нејзино одржување, но ги предупреди учесниците и организаторите на можните правни последици.
Коалицијата на Орбан годинава ги измени законите и уставот со цел да ја забрани традиционалната прослава, продолжувајќи ја неговата долготрајна и широко осудувана офанзива против ЛГБТК правата во име на „заштита на децата“.
Минатата недела, полицијата ја забрани Парадата на гордоста во Будимпешта, повикувајќи се на неодамнешните законски измени што го забрануваат промовирањето или прикажувањето на хомосексуалноста пред лица помлади од 18 години.
Законски последици за учесниците
Сепак, организаторите ја оспорија законитоста на одлуката и најавија дека парадата ќе се одржи.
„Секако дека полицијата може да ги растера ваквите настани, бидејќи има овластување за тоа, но Унгарија е цивилизирана држава, граѓанско општество. Ние не се повредуваме еден со друг“, изјави Орбан во петокот за државното радио во своето неделно интервју.
„Ќе има законски последици, но тоа нема да достигне ниво на физичко насилство.“
Учесниците ризикуваат казна до 500 евра (580 долари), а полицијата има овластување да користи технологија за препознавање лица за да ги идентификува.
Организаторите може да се соочат со затворска казна до една година.
Орбан го отфрли правниот аргумент на коорганизаторот на настанот – градската управа на Будимпешта предводена од опозицијата – која тврди дека парадата не бара полициско одобрение бидејќи станува збор за општински настан.
„Нема значење ако некој тврди дека не е потребна полициска дозвола, затоа што е потребна. Така стои во прописите“, рече тој.
Пратеници и министри на гости во Будимпешта
Националистичкиот премиер ги отфрли и повиците од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да ја укине забраната, споредувајќи ја со поранешниот советски лидер Леонид Брежњев.
„Таа ја смета Унгарија за подредена земја и мисли дека може да им наредува на Унгарците од Брисел како треба да живеат, што да сакаат, што да не сакаат, каков да им биде правниот систем, што да се забрани, а што не. Точно како Брежњев“, изјави Орбан.
Организаторите се надеваат дека саботната Парада на гордоста ќе привлече рекорден број учесници, како силен одговор на анти-ЛГБТК политиките на Орбан.
Се очекува присуство на десетици пратеници од Европскиот парламент.
Европската комесарка за еднаквост, Хаџа Лахбиб, е најавена во посета на Будимпешта во петок, а можно е да учествува и на парадата, како и министри и градоначалници од повеќе земји на Европската Унија, според организаторите.