Пакистан очекува индиски напад
30 април 2025По смртоносниот напад во индискиот дел на Кашмир, според еден министер, Пакистан наскоро го очекува напад од индиската армија.
Пакистан решително ќе возврати на секоја агресија, предупреди министерот за информации Атаула Тарар на платформата X. Индија ќе биде „целосно одговорна“ за сите „сериозни последици во регионот“. Пакистан, како што наведе, има „веродостојни разузнавачки информации“, според кои Индија планира напад во следните 24 до 36 часа. Нападот во Кашмир на Индија ѝ служи само како изговор, додаде тој.
Пакистанскиот министер за одбрана Каваџа Мухамед Асиф во Исламабад изјави дека Пакистан е во состојба на највисока готовност, но дека ќе го користи своето нуклеарно оружје само „доколку постои директна закана за нашиот опстанок“.
Претходно индискиот премиер Нарендра Моди, според владини извори, на својата армија ѝ дал „оперативна слобода“ во спорниот регион Кашмир.
На состанокот со воените команданти, Моди изјави дека војската има „целосна оперативна слобода да одлучува за начинот, целите и времето на нашиот одговор на терористички напад врз цивили во Кашмир“, дознава агенцијата АФП од владини извори во Њу Делхи во вторникот (29.04).
Моди истовремено ја истакна решеноста „да му се зададе разурнувачки удар на тероризмот“. Тој изрази уверување во можностите на индиската армија. Индиската влада објави видео снимка од средбата меѓу Моди, воените команданти и индискиот министер за одбрана Рајнат Синг.
Минатиот вторник вооружени напаѓачи убија 26 луѓе - главно индиски туристи - во туристичка област во близина на градот Пахалгам во индискиот дел на Кашмир. Владата во Њу Делхи го обвинува Пакистан за вмешаност во инцидентот, што соседната земја го негира.
Двете нуклеарни сили си возвратија со санкции по нападот. На демаркационата линија во Кашмир, според индиските наводи, дошло до размена на оган меѓу индиски и пакистански војници. Експертите не исклучуваат воена ескалација. ОН ги повикаа двете страни да покажат „најголема можна воздржаност“.
И американското Министерство за надворешни работи предупреди на ескалација, а главниот дипломат Марко Рубио, според портпаролката, планира да разговара со министрите за надворешни работи на двете земји за ситуацијата.
Пакистан и Индија го делат спорниот регион Кашмир - двете земји претендираат на целата област. Корените на конфликтот стигаат во колонијалната ера. Во 1947 година, Британците му дадоа независност на индискиот потконтинент и го поделија на Индија и новата муслиманска држава Пакистан. Насилната поделба до денешен ден поттикнува жестоко ривалство. Од нивната независност, двете земји водеа три војни една против друга, од кои две беа за Кашмир.