Откази во српските училишта: „Ова е казна за непослушност“
5 септември 2025Милица (името е сменето) е градежен инженер. Моментално е запишана на магистерски студии за професор по инженерство и компјутерски науки. Таа би сакала да добие постојано вработување како наставничка. Самохраната мајка на три деца во слободното време работи и како доставувачка за „Глово“. До неодамна таа предаваше во основното училиште „Стефан Немања“ во Ниш, како т.н. „ненаставен кадар“. Во Србија нема доволно наставници по инженерство, затоа се вработува и ненаставен кадар.
Но, иако Милица не е единствената што работи како ненаставен кадар во тоа училиште, само таа во очи на почеток на школската година добила решение за престанок на работниот однос. Таа тврди дека причината за тоа е што нејзиниот ранец е преполн со значки за поддршка на студентските протести во Србија. А, и самата учествува во протестите. „Директорката и колегите многу пати беа на моите часови и секогаш беа задоволни“, вели Милица за ДВ. Криво ѝ е што нејзиното место го зазел колега во трета година на студии, што значи дека ниту тој не е наставен кадар, пристигнал од областа на училишната администрација во Врање, па затоа не би требало да има ни предност бидејќи таа живее во Ниш.
Казна за непослушност
Во Ниш нема премногу такви случаи, но во околината, особено во помалите градови како Дољевац или Прокупље, има. Александра Стојановиќ, наставничка по српски јазик таму исто така добила решение за прекин на работниот однос. Таа отворено ги поддржува студентските протести и застанала зад своите колеги кои штрајкуваа.
Во училиштето почнала да работи во 2012 година, кога на власт дојде Српската напредна партија (СНС). Иако има веќе толкав стаж, никогаш не ѝ бил даден полниот фонд на часови или постојано вработување. Таа смета дека причината е што никогаш не станала членка на СНС. „Сите овие години некој политички подобен секогаш беше пред мене и мораше работното место да му се отстапи нему“, раскажува Стојановиќ. „Сите знаат дека се врши страшен притисок врз наставниците и ова е просто казна за непослушност“, додава таа.
Смени ширум Србија
Вера Дујаковиќ, директорка на првата нишка гимназија „Стеван Сремац“ беше меѓу првите што беа сменети и тоа среде нејзиниот мандат. Нејзиното училиште ја прекина наставата за време на протестите, а Дујаковиќ застана во одбрана на учениците и наставниците. Таа испрати допис до Министерството за образование во кое наведува дека училиштето ќе продолжи со работа кога за тоа ќе бидат создадени услови. Тоа се однесувало на протестите, но и на горливиот проблем на нејзиното училиште, кое почнало да се урива.
„Именувана е нова вршителка на должноста директор, не знаеме како. Не знаеме како добила препораки. Таа е професорка по хемија со само 20 проценти фонд на часови, има само осум години искуство и дури пролетоска ги исполнила условите за станување директорка“, истакнува Вера Дујаковиќ.
Разрешената директорка вели дека ја дели судбината на сите кои не биле сервилни на режимот. „Сменети се сите што повлекоа црта под која не би оделе“, вели Дујаковиќ за ДВ и додава дека „може да кажам за себе оти секогаш сум се грижела за интересите на учениците и училиштето“. Новата директорка на училиштето, како што неофицијално дознава ДВ, им дала решенија за престанок на работниот однос на сите наставници кои биле вработени само на определено време. Директорката не одговори на нашите повици.
Предупредување од факултетот
Смените на директорите, отпуштањата, суспензиите и дисциплинските постапки предизвикаа нов бран на незадоволство. Српскиот министер за образование Дејан Вук Станковиќ (непартиска личност) не одговори на нашите прашања, но за други медиуми изјави дека не станува збор за „црни листи“ и дека, врз основа на наодите од инспекцијата, 25 директори на училишта во Србија се сменети. Министерот Станковиќ рече дека да бил директор, ни тој „не би ги продолжил договорите на оние што ја опструирале наставата“. Министерството е преплавено со отворени писма од училишта и наставници. Деканите на десет факултети од Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш кои обучуваат наставен кадар, испратија отворено писмо до Владата. „Лошата состојба во образованието влијае и на факултетите“, вели Мича Станковиќ, декан на Природно-математичкиот факултет во Ниш и еден од потписниците на писмото. „Година за година, бројот на запишани студенти и интересот за овие студиски групи се намалува, што се должи на лошите плати со кои постојано го бркаме републичкиот просек, но уште повеќе на лошиот однос спрема наставниците“, се вели во писмото.
Нелогично е и не е хумано, вели Станковиќ, да не се продолжуваат договорите на луѓе кои си ја знаат работата и долго време се во образованието. Тој стравува дека сето ова дополнително ќе го намали бројот на млади луѓе заинтересирани за наставнички професии.
Како ќе продолжи учебната година
Но, не е противзаконски да не им се продолжи договорот на наставниците кои работат на определено време. „За жал“, вели Гордана Арсиќ, портпаролка на Сојузот на синдикати на српски наставници во Ниш и додава дека „кога синдикат институционално повикува на штрајк со свој потпис и печат, тој им ја гарантира безбедноста на своите работници. Тоа не беше случај тука“, вели таа и се потсетува дека синдикатот пред повеќе од една деценија се спротивставил на забраната за вработување во јавниот сектор, воведена од СНС. „Знаевме дека со помош на тој закон се прави машинерија за манипулација и денес стасавме до таа точка. Не смееше да дозволиме да постои таков закон“, вели таа за ДВ. Иако рацете на синдикатите се врзани, таа смета дека „како поединци“ луѓето повторно може да почнат протести. Учебната година започна, но прашање е како ќе продолжи, истакнува Гордана Арсиќ, портпаролка на Сојузот на синдикати на наставници во Србија.